1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема „калориметри“ за еднаквоста и транспарентноста

21 декември 2017

Граѓани посочуваат на нееднаквост во предлог-законот за енергетика, но и на дискриминација во сегашната регулатива. Дали парното греење и исклучените од системот стануваат жешки теми од кои прва ќе се „изгори“ Владата?

https://p.dw.com/p/2pkEa
Symbolbild Energie Heizung Heizkörper Heizkosten Heizungsregler Gasheizung Ölheizung
Фотографија: Fotolia/dondoc-foto

Формална или суштинска транспарентност? Колку граѓаните се навреме и квалитетно информирани за новините во законските проекти и колку можат да влијаат со свои сугестии и предлози во нивното донесување?

„Многу малку или воопшто не влијаат“, велат од граѓански здруженија. Едно од нив е здружението за заштита на граѓанските права „Но Пасаран“, кое реагира на постојаните притисоци од извршители, блокирани сметки и тужби за сметки што ги добиваат за парно греење и покрај тоа што се исклучени од системот. Ним во октомври годинава премиерот им ветил дека ќе се бара решение за проблемот, чие решавање беше дел и од предизборните ветувања на СДСМ. Но, до денес не само што нема резултат, туку и новите законски проекти предизвикуваат револт поради нерамноправниот третман на граѓаните во законите. Нови забелешки уследија откако Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, вчера ја информираше јавноста за дилемите во врска со предлог Законот за енергетика, а кои се однесуваат на вградувањето калориметри.

„Во новиот предлог Закон за енергетика, се предвидува задолжително инсталирање на мерни уреди (калориметри) за секој нов објект за кој е започната постапка за одобрение за градење по влегувањето во сила на овој закон, кој што ќе се приклучи на системот за дистрибуција на топлинска енергија. За објектите кои се веќе приклучени на дистрибутивната мрежа, поставувањето на мерни уреди не е задолжително, односно е оставено на избор на самите потрошувачи и со самото тоа ќе нема никакви наметнати дополнителни трошоци за постојните корисници“, се вели во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Нееднакви пред законот

Ваквото објаснување го зголеми револтот кај оние кои чекаат нови станови.

„Нас ќе нѐ 'фати' законот, бидејќи ќе започне изградба на зградата во која чекаме стан. Зошто само ние мора да вградуваме калориметри, а не и оние кои веќе имаат греење во своите станови“, прашува млада брачна двојка.

Но, реагираат и оние кои во изминатите години беа обврзани да вградат калориметри.

„Дали е е ова 'еднаквост' на граѓаните пред законот, ако новите објекти ќе мора да стават калориметри, а сегашните - не! Истото се случуваше и претходно. Ние кои живееме во куќи бевме обврзани да инсталираме калориметри и тоа на наш трошок, а за зградите тоа не беше задолжително. Резултат од тоа е следново: јас за греење на стан од 60 квадратни метри со години плаќав двојно повеќе (месечно над 3.000 денари) од оној што грее иста толква квадратура во зграда (месечно меѓу 1.200 и 1.500 денари). Токму заради таа нееднаквост се исклучив од системот. А сега, иако не користам парно, плаќам месечен надомест на БЕГ од 600 до 1.200 денари, колку што изнесува половина или цела сума на некој што е нивен корисник. Нека објасни вицепремиерот како законот ќе ја елиминира ваквата дискриминација?“, реагира граѓанин од општината Центар.

Mazedonien Protest vor dem Verfassungsgericht in Skopje
​​Уставниот суд со одлука - граѓаните кои се исклучиле од системот за парно греење и во иднина ќе плаќаат паушалФотографија: DW/P. Stojanovski

Тој е еден од оние кои веќе неколку години секоја сабота протестираат пред Регулаторната комисија за енергетика. Револтот е уште поголем по вчерашната одлука на Уставниот суд, дека граѓаните кои се исклучиле од системот за парно греење и во иднина ќе плаќаат паушал. Со тоа судот ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на оваа обврска, поднесена од иницијаторот „Но Пасаран“.

„Во оваа држава ниту се почитува еднаквоста, ниту силата на аргументите. Како граѓанин се чувствувам немоќен да изменам нешто, во услови кога токму вицепремиерот се фали со нееднаквоста на граѓаните и ги 'смирува', посочувајќи го членот 39 од новиот предлог - закон за енергетика, кој вели дека обврската за вградување калориметри 'се применува за изградба на нови објекти за кои е започната постапка за одобрение за градење по влегувањето во сила на овој закон'. Ако за Владата тоа е во ред, и ако е во ред исклучените од системот да плаќаат надомест во висина од 50 до 100 отсто од сметките на оние што се греат, тогаш ништо не е во ред“, вели нашиот соговорник. 

Поголема вклученост на граѓаните

Ова е само еден од примерите на кој граѓаните реагираат. Објавувањето на законските предлози на ЕНЕР (Единствениот национален електронски регистар на прописи) со цел граѓаните да имаат увид и можност за доставување забелешки и сугестии, засега е повеќе од формален отколку од суштински карактер. Нема информации во колкав обем забелешките од јавниот увид влијаат врз корекции на нацрт-законите, ако се има предвид дека учеството на граѓаните е еден од клучните елементи на функционалната демократија.

Во Македонија нивото на граѓанско учество и ангажирање во активностите кои се политички и општествено важни сѐ уште е на многу ниско ниво. Според анкетите спроведени од ИРИ во 2015 година, 51% од граѓаните воопшто не се мотивирани (покрај 17%, кои не се доволно мотивирани) да учествуваат во која било форма на политички и општествени активности за решавање на конкретен проблем или за влијание врз одлуките на политичарите. Ова е меѓу најниското ниво на учество во Европа во споредба со барометарот на ЕУ.  Граѓаните не веруваат дека нешто може да се промени, рамнодушни се кон политичкото учество и тврдат дека „тоа не е нивна работа“.

Mazedonien Institut für Demokratie aus Skopje Logo

Може ли состојбата да се измени? Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) во соработка со Центарот за економски анализи (ЦЕА) во периодот јануари 2017 до декември 2019 година преку проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање политики базирани на докази“ ќе анализираат како се спроведува процесот на проценка на влијание на регулативата при создавањето на законите, и каква е можноста за граѓанските организации да се вклучат во создавањето на јавните политики во земјата. Проектот треба да придонесе за унапредување на доброто владеење преку вмрежување и градење на капацитети на граѓанските организации за следење и анализа на спроведувањето на проценка на влијание на регулативата. Од ИДСЦС велат дека доброто спроведување на проценка на влијанието на регулативата ќе придонесе кон повисок квалитет на легислативата, зголемена вклученост на граѓаните, зголемено ниво на законска сигурност, подобро финансиско планирање и зголемена транспарентност на политичките процеси.