Не мора секогаш да биде чоколадо и јагода
23 август 2013Во недела околу пладне, во слаткарницата „Лабораторија“ во стариот дел на Бон, се` уште е мирно. Иако сонцето сјае и е топло, ретко кој навраќа да купи сладолед. „Турканицата почнува обично попладне“, објаснува продавачката Ива Стојанов. „Преку викенд луѓето спијат подолго“.
„Лабораторија“ не се занимава со некои научни анализи, туку е наречена така бидејќи прави експерименти и на муштериите им нуди нови, необични вкусови.
Сопственичката Петра Рекер само што заврши со правење сладолед за дента. Во лето треба да се стане порано за сите вкусови да бидат достапни кога ќе дојдат муштериите. „Ако сладоледот добро и долго се меша, тогаш се создава убава и кремаста маса. За тоа е потребно време, трпеливост и внимание“, вели таа.
Егзотично или класично?
Таа слаткарница секој ден нуди десет различни видови на сладолед. Има од стандардните ароми, како чоколадо, ванила или јагода, па до егзотични како авокадо или карамел со сол. „Авокадото еднакво се бара како и чоколадото и ванилата“, објаснува сопственичката. Токму таа побарувачка и ја натерала да се обиде да прави такви необични вкусови.
Но кога станува збор за тоа кој сладолед Германците најмногу го сакаат, тоа не е многу сменето низ годините. „Класичните ароми и понатаму се најомилени“, објаснува Анализа Карнио од Сојузот на италијански слаткари во Германија. Но и таа забележува дека се бараат и некои нови „поинакви“ сладоледи.
Всушност изборот зависи и од возраста на муштериите: „Децата ги сакаат класичните вкусови: обично сакаат јагода, ванила или чоколадо“. Анализа Карнио вели дека возрасните се поподготвени да се впуштат во непознати води. Тоа не мора да значи некој потполно нов вкус, туку позната арома која во себе има нешто ново: „Утврдивме дека некои вкусови се многу барани ако им се додадат некои зачини или тревки“.
Повторно откривање на шербетот
Другиот тренд е сладолед без млеко, што значи и без лактоза која кај некои муштерии е на лош глас, објаснува Петра Рекер. Затоа нејзината слаткарница на тие купувачи им нуди голем избор на шербет, односно сорбе, како што се прави во Италија и Франција: смрзнат, но по подолго мешање на вистинската температура бидејќи смесата не смее да се претвори во мраз.
Изборот на вкусови го нема само кај овошните ароми. Така Сандра Маркез доаѓа во таа слаткарница во Бон само поради тој сладолед: „Купувам сорбе, го нема речиси никаде на друго место“. Сепак и таа е склона кон експерименти, па така овојпат купува вид кој е збогатен со вкус од портокал.
Всушност нема крај на фантазијата кога се работи за правење сладолед. Дури и лицата склони кон алкохолните пијалоци можат да уживаат во својот пијалок и во облик на сладолед. На интернет може да се нарача и сладолед со вкус на ракија, ликер, пиво и вино, но искусните слаткари знаат дека има голем проблем со тие сладоледи.
И Петра Рекер нуди сладолед од помело (вид на цитрон) со Кампари: „Горчливиот вкус на тој плод добро оди со тој италијански аперитив, но треба да се знае дека алкохолот ја спушта границата на замрзнување на сладоледот“. Тоа е всушност исто како кај антифриз во автомобил чиј алкохол го спречува замрзнувањето на водата. Но во слаткарниците сите сладоледи стојат во ист фрижидер и еден сладолед не може да биде поладен од друг. Единствено решение е да се биде штедлив со додавањето алкохол - на цела порција од неколку литри сладолед се додава само мала чашка на алкохол.
Уште едно златно правило за добар сладолед е состојките да се свежи и квалитетни. Муштериите се` повеќе внимаваат што јадат, па така и Петра Рекер е сигурна: „Добар вкус и квалитетни состојки: тоа веројатно е тренд кој ќе трае и во иднината“.