Никола Груевски: како реформаторот стана бегалец
Од надежен реформатор, преку корумпиран автократ до бегалец од правдата. Поминаа 20 години од стапнувањето на политичката сцена до бегството во Унгарија. Политичката кариера на Никола Груевски низ фотографии.
Референдумска битка
Кариерата на Груевски во политиката започна во првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски, во 1998. како министер за трговија, а продолжи како министер за финансии. Но искачувањето до врвот на македонската политика, Груевски го започна во 2004., по неуспешниот референдум против територијалната поделба, откако претходно успешно го одбрани партискиот престол во хотелот Панорама.
Преродбата во 100 чекори
На парламентарните избори во 2006 ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски извојува убедлива победа. Младиот технократ ветуваше економска преродба на земјата и брзо членство во ЕУ и НАТО. Граѓаните му ја дадоа довербата на гласањето на 5 јули, но ретко кој очекуваше дека Груевски неограничено ќе владее и во следните 10 години.
Поддршка од Западот
Младиот премиер во првите години уживаше голема поддршка од меѓународната заедница и особено од сестринските партии во Европа. Веќе во октомври 2006. беше пречекан во Берлин од канцеларката Ангела Меркел со воени почести. Западните политичари во него гледаа надеж за земјата и за регионот и пресврт од дотогашната националистичка политика.
На крилата на поразот од Букурешт
Преродбата на Груевски продолжи на изборите во 2008 година кои ги доби со огромно мнозинство благодарение пред сѐ на националистичката кампања која во прв план го имаше фијаското на Самитот на НАТО во Букурешт и паролата „името не го даваме“. Оттогаш започна и непреченото владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје 2014
На крилата на големата изборна победа, Груевски го стави во погон проектот „Скопје 2014“. Целта беше да „се зајакне“ идентитетот на народот и да му се покаже на светот дека Македонците не се дрво без корен. Исходот: потрошени речиси 600 милиони евра народни пари на споменици и неокласични објекти кои завршуваа во џебовите на фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Партнерот во сенка
На претседателските избори во 2009 година победата на Ѓорге Иванов ја заокружи комплетната контрола на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Иванов ќе биде реизбран во 2014 година и до денес ќе остане верен следбеник на својот политички ментор- Груевски. На поддршката ќе возвраќа повеќепати, прво со општата аболиција во 2016 година, а потоа и со одбивањето да му го даде мандатот на Заев во 2017.
Почеток на крајот
Кога во февруари 2015. Заев започна да ги објавува прислушуваните материјали, Груевски беше на зенитот на својата моќ - неприкосновен во партијата и државата. Серијата протести таа година го потресоа, но не го загрозија посериозно. Дури откако се вмеша и меѓународната заедница, а Иванов мораше да интервенира со аболиција, граѓаните масовно почнаа да излегуваат на улиците во Шарената револуција.
Новата ера (не) започна
Тешкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2017, значеше и крај за Груевски на чело на партијата. Новата ера која ја најавуваше, не се случи. Она што од денешен аспект е интересно, е средбата со Орбан во септември 2017 во Охрид, на која наводно и паднала понудата за азил од страна на унгарскиот премиер. По неколку месеци на чело на партијата Груевски беше заменет од Христијан Мицкоски.
Лице од потерница
Откако пресудата за двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО стана правосилна, се очекуваше Груевски да се јави на издржување на казната. Но, тој се јави на Фејсбук од Будимпешта од каде порача дека „ќе остане верен на каузата на Македонија“. МВР, веројатно задоцнето, одлучи да трага по експремиерот со потерница.
Наследството на Груевски
Дали Никола Груевски ќе биде испорачан назад во Македонија каде се соочува со уште четири судски процеси, во моментов може само да се шпекулира. Зад себе остава долго досие на злоупотреби и криминал, и држава која во последните години од неговото владеење се најде во изолација и беше предмет на жестоки критики и потсмев во демократскиот свет.