1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата црногорска влада - невозможна мисија

Миодраг Шориќ
5 декември 2020

Многумина полагаат надежи во Здраво Кривокапиќ и новата влада на Црна Гора. Но, тој ќе владее со тесно мнозинство, а во црногорското соседство живее непријател на новиот почеток, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/3mECr
Montenegro Podgorica | Neue Regierung | Zdravko Krivokapic
Фотографија: Filip Filipovic/Getty Images

Зошто некој би си го направил тоа? Здраво Кривокапиќ, кој тукушто е избран за премиер, би можел со своите 63 година да сочека пензија. Го почитуваат неговите студенти, тој е извонреден професор на Машинскиот факултет во Подгорица, женет е, има пет израснати деца и први внуци. Никогаш немал ништо заедничко со политиката, посебно не со нејзината корумпирана варијанта во неговата земја.

Истото важи и за неговиот министер за финансии, Милојко Спајиќ, кој течно зборува француски, англиски и јапонски јазик. Младиот банкар досега работеше за Голдман Сајкс во Сингапур, добро заработуваше и, исто како и премиерот, немаше политички амбиции. Зошто тогаш се пресели од сингапурската благосостојба во една од најсиромашните земји во Европа, Црна Гора, која остана таква поради своето неспособно раководство?

Слично е и со Тамара Срзентиќ, која стана министерка за јавна управа, дигитално општество и медиуми. Студирала во Франција, работела во Франција и во Велика Британија.

Прозападни експерти

Уште на прв поглед е јасно дека министрите во новата црногорска влада се стручни, западно ориентирани, тие се за НАТО и патриоти во позитивна смисла на зборот. Црна Гора сега има влада која може да се натпреварува со западноевропските влади, тоа се врвни експерти кои сега работат за ситни пари во споредба со тоа колку заработувале досега, па според тоа не се поткупливи.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ, автор на коментарот

Сепак, тие едвај да имаат шанса да го победат стариот режим. Зад кулисите конците ги влече Мило Ѓукановиќ, бивш комунистички младински функционер и приврзеник на Слободан Милошевиќ. Тој веќе 30 години го контролира амалгамот на стари комунисти, корумпирани функционери и судии, шверцери на цигари и криумчари на оружје. Тој многу добро знае дека новиот премиер има само еден глас повеќе во парламентот. Кратко речено, новата црногорска вллада се наоѓа пред невозможна мисија. Меѓу другото и од финансиски причини. Државната каса е празна, пандемијата на коронавирус остави траги во Црна Гора.

Кумот од комшилукот

Црногорците имаат големи очекувања од новата влада, но таа прво мора да излезе на крај со дефицитите. Во пресрет на предавањето на власта, досегашните властродршци префрлија во Србија милиони кои ги собраа изминатите децении. Најпосле, во Белград е нивниот кум и противник на нов почеток на Црна Гора, српскиот претседател Александар Вучиќ. И тој управува со својата држава благодарение на мафијашки структури.

Ако новиот премиер на Црна Гора биде успешен, луѓето во Србија би можеле да дојдат на идеја да се соберат околу некој неизвалкан човек и од Србија да направат демократска правна држава. За Вучиќ тоа е ужасна помисла. Тој контролира сѐ, опозицијата, делови од православната црква, тајните служби и војската.

Автократите можат да ги контролираат само луѓето кои ги знаат. А до пред една година никој не го знаеше Кривокапиќ. Тој чесен човек дојде на власт зашто, како и стотиците илјади негови сограаѓани, не сакаше да гледа како режимот на Ѓукановиќ го одзема црковниот имот во Црна Гора. Од тој протест настана политичко движење кое победи на изборите.

Ѓукановиќ, како и секогаш, се обиде да купи многу гласови, но незадоволството против него и неспособноста на неговата влада, поради раширената корупција, беше толку големо што Црногорците изгласаа нов почеток.

Примери Кол и Аденауер

Новиот премиер Кривокапиќ ја познава Германија, делумно и студирал таму. Негови политички идоли се Хелмут Кол и Аденауер. Тој може да смета на поддршка од Запад, НАТО и ЕУ. Тоа е добра прилика за германските демохристијани и фондациите на Балкан кои им се блиски, да се преориентираат. Пред сѐ, не би требало да поддржуваат автократи кои декларативно тврдат дека се залагаат за граѓанска политика. 

Можеби Кривокапиќ речиси и да нема шанси да ги исчисти црногорските Авгиеви штали. Но, како и за секоја невозможна мисија, и овде важи: на крајот можеби сепак ќе успее.