1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова влада во Бугарија: Ќе заврши ли конечно транзицијата?

Георги Ангелов
13 декември 2021

Структурата на новата бугарска влада потсетува на британска свадба - нешто ново, нешто старо, нешто позајмено и нешто сино. Колку долго ќе трае? Анализа на Георги Ангелов.

https://p.dw.com/p/44BUM
Кирил Петков Румен Радев Бугарија
Бугарскиот премиер Кирил Петков и претседателот Румен РадевФотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

За време на јавниот дел од преговорите меѓу претставниците на четирите партии - Промената Продолжува (ПП), „Има таков народ“, Демократска Бугарија и БСП, кои беа модерирани од Кирил Петков и Асен Василев, гледачите видоа нешто невидено во бугарската политичка реалност: четири партии, лоцирани на дијаметрално спротивни позиции на политичкиот компас, успеаја да најдат волја, заеднички принципи и цели кои ги зближија. Најголема заслуга за ова имаа Петков и Василев и нивниот технократски бизнис стил на преговарање. Дозволија сите истовремено да си ја „кажат болката“, без тоа да стане повод за кавги и полемики, но во исто време најдоа најмал заеднички именител за да можат да тргнат напред во име на промените и против статус-квото. 
Некои политиколози уште од изборите во април рекоа дека транзицијата е завршена. Сега кога е најден компромис меѓу долгогодишните политички непријатели обединети во борбата против корумпираното статус-кво и предводени од нова и навистина образована генерација во лицето на ПП, овој заклучок изгледа како добра метафора за идниот кабинет. 

Кој ќе ја донесе промената? 

Се појавуваат не едно, туку неколку „Како и да е“, ако барем површно се погледнат биографиите на новите министри, од кои се очекува да ја донесат толку очекуваната „промена“.
БСП ќе има четворица министри: вицепремиерка и министерка за економија Корнелија Нинова, министерот за труд и социјална политика Георги Гоков, министерот за туризам Христо Проданов, министерот за земјоделство Иван Иванов. Тие тешко можат да бидат заштитно лице на новото време.
Притоа, Нинова има и чудна приврзаност кон дезинформациите. Таа е Ковид скептик, националист и теоретичар на заговори, вклучително и борец против половата разновидност. Во нејзината биографија како приватизатор има дамки, по скандалот со „Булгартабак“ беше разрешена од функцијата заменик министер за економија во мега министерството на Румен Овчаров за време на Тројната коалиција. Со неа замина и Делјан Пеевски, кој беше заменик министер за катастрофи и несреќи. 

Корнелија Нинова БСП
Корнелија Нинова тешко може да се прифати како „лице на промената“ Фотографија: BGNES

Иван Иванов беше отпуштен од функцијата заменик-министер за внатрешни работи неколку часа откако беше назначен од Пламен Орешарски, бидејќи од 1995 година бил раководител на огранокот на СИК (фирмата за обезбедување) во Шумен. Сега БСП се правда дека тој немал врска со СИК, туку продавал осигурување.
Новиот министер за енергетика Александар Николов од движењето „Има таков народ“ беше разрешен од функцијата заменик министер во истото министерство без никакви мотиви во август годинава од страна на техничкиот премиер Стефан Јанев.
Новата министерка за надворешни работи Теодора Генчовска од редовите на ИТН има биографија како експерт за одбрана и вооружени сили во Министерството за одбрана и претседателскиот кабинет, но нема дипломатско искуство, итн. 

Влада според принципот на британска свадба 

Затоа, тврдењата дека со оваа влада завршува транзицијата се избрзани. Оптимистичкото читање е дека овој кабинет има шанса да биде еден од последните „преодни“. Метафората која што најмногу му одговара е принципот според кој се организираат британски свадби. Можеме да го парафразираме вака:
Нешто ново (министрите на ПП), нешто старо (министрите на БСП), нешто позајмено (министрите од техничката влада) и нешто сино (Гроздан Караџов - вицепремиер и министер за регионален развој и јавни работи). 

Своите први задачи идниот премиер Кирил Петков ги дефинираше на следниот начин: Зачувување на цените на енергенсите од 1 јануари и за домаќинствата и за бизнисите и спречување на нов бран ширење на коронавирусот.
Решавањето на проблемот со јавниот обвинител и реформите во правосудството не може да не бидат уште една главна задача. Во однос на надворешната политика, голема задача е да се излезе од магичниот круг со ветото што ја спречува Северна Македонија да напредува кон ЕУ. 

Сепак, најголемиот предизвик е Европскиот зелен договор, чии барања може да ја претворат Бугарија во еколошка земја и иновативен лидер или да ја заковаат на дното на ЕУ поради децениското технолошко заостанување во енергетиката и индустријата.
Токму овие задачи и предизвици навестуваат краток период на владеење на оваа коалиција, а главната причина се партиите во неа. И покрај декларациите, во претходниот парламент, ИТН се покажа како арогантен и непредвидлив партнер, а зависностите на БСП блеснаа уште во клучните гласања за реформите во судството.
ИТН не само што се етаблира како партија на Ковид-скептици, антиваксери и ширачи на дезинформации, туку нејзините пратеници со нетрпение и жестина брзаат кон собраниската говорница секогаш кога се зборува за потреба од заострување на мерките против коронавирусот.
Ставот на Нинова за Северна Македонија е јасен, а врските на БСП со главните енергетски играчи и нивните врски со Русија се добро позната јавна тајна. При гласањето за законите за реформи во судството во претходниот кабинет, БСП не беше особено конструктивен партнер. И ова се само некои од примерите. 

Бугарите и нивната недоверба кон вакцините

Што ги обединува? 

Она што ги обединува четирите партии е желбата ГЕРБ и ДПС да бидат отстранети од власта. Во моментов ГЕРБ ја има контролата врз општините и нивниот пораз на парламентарните избори засега не се одразува и на локалната власт.
Кирил Петков веќе направи таква алузија кон градоначалничката на Софија, Јорданка Фандакова. Затоа има смисла партиите во оваа коалиција да направат сѐ за да ја задржат оваа коалиција уште најмалку две години до есента 2023 година.
Секако, Петков си постави за цел 4-годишно владеење. Ако способноста за изнаоѓање компромиси, која тој и Асен Василев ја демонстрираа во преговорите, издржи толку долго - тоа ќе биде повеќе од одлично. Но, да не заборавиме дека сепак „политиката е уметност на можното“, како што рекол Ото фон Бизмарк.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема