1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова Година ќе се слави дома со најблиските

ДТЗ /ДВ
14 декември 2020

Во пресрет на новогодишните и божиќните празници се предлагаат нов пакет рестриктивни мерки во Северна Македонија. Угостителските објекти да работат до 18 часот и да се забрани групирање по плоштади.

https://p.dw.com/p/3mheC
China Feier des Mond-Neujahr in Hong Kong
фото: архиваФотографија: picture-alliance/dpa/ChinaFotoPress/V. Chan

Нова Година ќе се слави дома и во кругот на најблиските. Кафеаните нема да работат, а нема да има ниту прослави на плоштадите. Ова се предвидува со новиот пакет на рестриктивни мерки коишто се предлагаат во пресрет на новогодишните и божиќните празници во Северна Македонија. Со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, Комисијата за заразни болести во препорака до Владата бара угостителските објекти да работат до 18 часот, како и да се забрани групирање по плоштади за Нова Година. До Владата ќе биде доставена и препорака за забрана за групирање во станови за претстојните празници, како и препорака хотелите да ги затворат своите ресторани по 21 часот. Угостителите, кои изминативе месеци трпеа економски штети од неработењето поради пандемијата, се незадоволни од предложените мерки, со оглед на тоа дека Независната угостителска комора бараше за Нова Година да се работи до 1 часот со почитување на протоколите во угостителските објекти.

Мерки до 21 јануари

Мерките кои се препорачуваат би требало да важат од 18 декември до 21 јануари, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во претстојниот период на празници.

Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Еден од предлозите ќе биде угостителските објекти да се затвораат во 18 часот, наместо до 21 часотФотографија: Regierung Nordmazedonien

Еден од предлозите ќе биде угостителските објекти да се затвораат во 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега.

- повеќе на темата: Филипче: Ситуацијата во болниците е критична, но засега нема полициски час

„Препораките за рестриктивни мерки се насочени во неколку сегменти, и тоа во делот на реорганизација на работното време на угостителите, препораки за јавни собири, препораки до верските заедници, до работните организации и препораки кои се однесуваат на работата на рестораните во хотелските објекти“, изјави министерот Венко Филипче.
Министерството за здравство информира дека останува во сила забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците на локалната самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка.

- повеќе на темата: Од крштевки на свадби, се шират кластерите на коронавирусот

Во однос на верските празници, Комисијата за заразни болести укажува на тоа дека во сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите во сила е препораката максималниот број на лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски. 

Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Предлог на Комисијата е да се забранат секакви прослави во рамките на работните организацииФотографија: DW/P. Stojanovski

Предлог на Комисијата е да се забранат секакви прослави во рамките на работните организации. „Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за претстојните празници и да не се излегува од дома по 18 часот доколку за тоа нема потреба“, вели Филипче. 

Угостителите бараат финансиска помош

На денешната седница на Комисијата за заразни болести беа присутни и преставници на Независната угостителска комора, кои бараа за Нова година да се работи до 1 часот со почитување на протоколите во угостителските објекти. Тие се незадоволни од препораката за новогодишните и божиќните празници да работат до 18 часот.

- повеќе на темата: Пандемијата ја урна економијата - Македонија должи над 6,5 милијарди евра

„Ниту едно од нашите барања не беше разгледано и решението за намалување на работното време беше донесено предвреме и овој состанок со Комисијата беше фарса. Од наша страна беше напоменато дека ниеден објект што ги почитува мерките не е извор на ширење на заразата. Прашавме дали има доказ дека се проширила заразата во некој угостителски објект, ни беше укажано дека такви резултати нема“, изјави Здравко Јосифовски до НУК. Доколку се ограничи работното време, тие бараат Владата да донесе мерки за дополнителна финансиска помош на угостителите.