Нов вирус на свински грип со потенцијал за пандемија
1 јули 2020Да почнеме со добрата вест: речиси една десетина од одгледувачите на свињи, кои биле испитувани во рамките на студијата, биле инфицирани со новиот генотип 4 (Г4) на вирусот насвинскиот грипХ1Н1, но тоа досега не доведе до нов опасен бран на грип.
Карл Бергстром, биолог од Универзитетот Вашингтон, на Твитер јасно стави на знаење дека од новиот вирус не се заканува непосредна опасност да прерасне во пандемија.
„Нема никаков доказ дека Г4 може да се пренесува од човек на човек, иако вирусот во изминатите пет години е веќе прилично раширен."
Сепак, авторите во својата студија, објавена на 29 јуни годинава во стручниот магазин Proceedings of the National Academy of Sciences (PNAS), констатираат дека „систематското набљудување на инфлуенца-вирусите кај свињите е есенцијално за рано предупредување и подготовка за следна потенцијална пандемија". И здравствените власти треба засилено да вршат прегледи кај лицата ангажирани во фармите за свињи и во месната индустрија.
Тимот автори меѓу другото опфаќа ветеринари од факултетите за земјоделство и ветеринарство во Пекинг и Шандонг, како и виролози од Националниот институт за контрола на вируси и превенција во Пекинг.
Во прашање се гените
Научниците се загрижени од причина што новиот поттип содржи одредени гени, кои го ставаат во категоријата „кандидати за пандемиски вирус". Вирусот е во блиско сродство со Х1Н1 вирусот на свински грип, кој во 2009 година се прошири низ цел свет. Новиот поттип исто така е близок и со вирусот на птичји грип.
Научниците во својата студија се потпираат на податоци од периодот меѓу 2011 и 2018 година, кога се земени 30.000 брисеви од свињи во десет провинции во земјата, при што можеле да изолираат 179 поттипови на свински грип. Од 2016 година, тие можеле да констатираат дека кај свињите станал доминантен новиот вирус Г4Х1Н1.
Во редица експерименти кои следеле, научниците докажале дека вирусот е способен да се размножува во епителните клетки на органите за дишење кај човекот. Во експерименти вршени со куни, потврдено е дека инфекцијата е пренослива преку аеросоли.
Сезонскиот грип не обезбедува имунитет
Кон ова се надоврзува сознанието дека луѓето очигледно против новиот вирус не развиваат имунитет преку другите вирусни инфекции, на пример преку сезонскиот грип. Научниците извршиле серолошки прегледи кај 338 вработени лица во фарми за свињи во обидот да дознаат дали веќе се инфицирале со вирусот. Кај 35 е откриено присуство на вирусот, што изнесува 10,4 проценти. Кај помладите работници на возраст меѓу 18 и 35 години стапката на инфицираност изнесувала дури 20,5 проценти. Кај вкупното население можело да биде докажано присуство на инфекцијата кај 4,4 проценти од луѓето. Но, тоа уште не е доказ дека вирусот се пренесува од човек на човек. Експертите освен тоа предупредуваат од можноста преку мутации во луѓето, да настане уште позаразен вирус.
„Ова треба да нѐ потсети дека во секој момент можат да настанат нови зоонотски предизвикувачи на болести,", истакнува Џејмс Вуд, професор за ветеринарство на Универзитетот Кембриџ, кој не учествувал во студијата. „Домашните животни, кои се наоѓаат во поинтензивен контакт со луѓето од дивите животни, можат да бидат важен извор на пандемиски вируси", предупредува тој.