1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ова овде не е Турција“

СН/дс/фаз/дв/сз30 јули 2016

Германскиот печат ги коментира демонстрациите за поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кои се најавени за утре во германскиот град Келн.

https://p.dw.com/p/1JYxQ
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Пред планираните демонстрации за поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кои ќе бидат одржани во недела во Келн, Ердоган ги критикуваше Германија и Австрија поради наводен недостаток на слободно мислење. „Турците кои живеат во двете земји не смеат да протестираат. Во некои случаи им е забрането да закачат турско знаме дома“, рече Ердоган во петокот.

„Тоа не е вистина. Забрана за истакнување знаме во Германија и Австрија не постои, а во Келн се планирани демонстрации на кои се очекуваат повеќе десетици илјади симпатизери на Ердоган“, пишува неделникот „Шпигел“. „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пак истакнува дека турскиот внатрешен конфликт сега е префрлен на германските улици: „Несомнено е следното: Никој во оваа земја не мора да ги напушти своите потекло и традиција. Секој тука може да користи странски медиуми и на пример, да излезе на улица во знак на поддршка на турскиот претседател Ердоган. Но ова тука не е Турција. Оној кој живее тука, дури и ако е правно поврзан со турската правна држава, не е петта колона на Анкара. Секој, кој овој викенд ќе демонстрира, ужива слобода на мислење и собирање кое ги гарантира Уставот. Како државјанин на оваа земја би морал да покаже лојалност кон неа- а помалку кон еден властодржец кој токму тие вредности ги гази под нозе“.

Angela Merkel Türkei Reaktion EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/W.Kumm

Ангела Меркел треба јасно да заземе став

„Кога станува збор за исламистички напади се слушаат ретки, но во знак на поддршка на Ердоган демонстрираат десетици илјади“, пишува во коментарот на весникот „ Велт“. „Во јануари 2015. година, по исламистичкиот напад на 'Шарли Ебдо', е одржан митинг за толеранција пред Бранденбуршката капија. Неколку илјади луѓе учествуваа, поголемиот број од нив беа членови на германските партии и синдикати. Бројни здруженија на муслимани мораа да се поттикнат да земат учество со благ притисок, тие беа мобилизирани само неволно или воопшто не. Но кога станува збор за собири, како што се демонстрациите кои ќе бидат одржани во недела во Келн, значи кога станува збор за тоа тука да се поддржува еден турски претседател кој со години ја исламизира земјата и ја уништува правната држава, тогаш очигледно е дека лесно може да се мобилизираат 30.000 луѓе, колку што се очекуваат на собирот. Тоа го отвора прашањето за поврзаност на големиот дел од турската заедница со германската демократија. На турските парламентарни избори на крајот на 2015. година за Ердоган во Германија гласаа 60 отсто од Турците кои живеат тука, што е за 10 насто повеќе отколку во самата Турција“, пишува „Велт“.

„Земјата е веќе инфицирана како и неговата (Ердогановата) турска заедница: омраза, став и недоверба сѐ повеќе ја одбележуваат климата на интернет, на улица, дури и во семејствата. Само тоа широката јавност досега не го земаше предвид. Притоа тоа е еден сеопшт германски проблем бидејќи турската заедница едвам веќе може да се одвои од мнозинското население. Во ваквата клима на недоверба и Ангела Меркел би требала да заземе јасен став“, очекува „Зиддојче цајтунг“.