Одзивот до 10 часот - 6,31 отсто, слично како во првиот круг
5 мај 2019Одзивот на гласачите до 10 часот изнесува 6,31 отсто, од обработени податоци од 88,10 проценти од избирачките места, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на првата прес-конференција.
За споредба, одзивот во првиот изборен круг до 10 часот изнесуваше 6,05 проценти од обработените податоци од 75,28 отсто од избирачките места, а финално 6,23 отсто од 100 отсто обработени податоци.
Најголема излезност до 10 часот имало во Крива Паланка (14,91%), Демир Капија (13,24%), Кратово (12,46%) и Берово (11,06).
Најмала излезност имало во Врaпчиште (1,16%), Дебар (1,29%) и Боговиње (1,31%).
Претпладнето во целата земја гласањето тече мирно. И според граѓанската асоцијација МОСТ, која го следи изборниот процес со најголем број набљудувачи - повеќе од 1.500, не се забележани неправилности во досегашното спроведување на гласањето.
Повеќе: Тече вториот круг на шестите избори за петтиот претседател
Вчера, своето право на глас веќе го искористија болни, немоќни, раселени, притворени и затворени лица. Од вкупно 1.640 запишани гласачи во казнено- поправните домови правото на глас го користиле 74,13%. Помал одзив од 46,16% покажале иселениците кои исто така гласаат в сабота. Од вкупно 1.781 регистрирани гласачи од дијаспората, гласале 724 лица. Според податоците кои ги објави ДИК, најголема излезност имало во Сараево со 78,57 проценти, Букурешт со 64,29 %, Брисел 63,27 %, Берлин 63,16%, додека најниска излезност има во Рим со 28 % и Абу Даби со 20 %. Во овие бројки не се вклучени податоците од САД и Канада, каде заради временската разлика, гласањето започна подоцна.