1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилност

Од 2030 година само електромобили?

Хана Пиц
15 октомври 2016

Германскиот Бундесрат предлага да им се каже збогум на автомобилите на бензин и дизел. Што тоа би значело за економијата и потрошувачите, објаснува експертот Фердинанд Дуденхефер.

https://p.dw.com/p/2R9BP
Deutschland E-Mobil BMW i3
Фотографија: picture-alliance/ZB/J. Woitas

Дојче веле: Препораката на Бундесратот за забрана на бензинци и дизел-автомобили од 2030 година предизвика возбуда во Германија. Дали тоа значи дека сите сопственици на вакви автомобили ќе мора да ги одвезат своите возила на отпад кога за тоа ќе дојде време?

Фердинанд Дуденхефер: Не, сопствениците на автомобили не мора да се откажуваат од своите возила, но кога ќе купуваат нов автомобил ќе мора да посегнат по електромобил. Веќе сега има електромобили со кои е можно да се минат над 350 километри оддалеченост. Дотогаш, тоа ќе биде стандард. За муштериите тоа ќе значи дека во иднина со вакви автомобили ќе можат да возат исто толку добро како со денешните, само што тоа за животната средина и здравјето ќе биде поповолно. Тоа важи и за градовите, каде состојбата со загадувањето значително ќе се подобри.

Deutschland Auto Autoexperte Ferdinand Dudenhöffer
Фердинанд Дуденхефер, автомобилски експертФотографија: Imago

Речиси сите сили во Бундесратот гласаа за тоа, меѓу другите и партиите на Унијата и СПД. Може ли со тоа предлогот сега едноставно да се примени?

Заклучокот (на Бундесратот, н.з.) нема законодавно дејство, но би било препорачливо да се работи согласно тој заклучок, односно да се преземат чекори во таа насока. Можеме да успееме во тоа. Ако не ни успее, тогаш ќе се соочиме со проблем. Најважен пазар за возила е Кина. Кинезите со полн гас возат кон електромобилност. Оној што сака таму да продава автомобили, мора да форсира електромобили. Оние кои тоа нема да го сторат, ќе имаат проблем.

Авомобилскиот клуб АДАЦ е против заклучокот на Бундесратот. Се вели дека забраната на дизел и бензин мотори ќе ја чинат германската автомобилска индустрија илјадници работни места. Што велите на тоа?

Велам дека ќе се случи токму спротивното. Ако Германија не ги забрани овие мотори ќе бидат загубени стотици илјади работни места. Германците се едни од малкуте земји кои не прават ништо за промена. Ако остане така, германскиот автомобилски пазар за 20 или 30 години ќе стане неважен како што денес е пазарот во Чиле. Значи, можеме да размислиме - ќе останеме ли осамен остров или ќе се прилагодиме на иднината и ќе создаваме нови работни места.

Дали Кина во тој поглед е пример за Германија?

Сигурно! На многу места во Кина веќе со години се забранети двотактни мотори, многумина се движат со превозни средства на електричен погон. Ако така се продолжи, во 2050 година воздухот таму ќе биде подобар отколку овде, во Рајнската област. Кинезите се неверојатно брзи во спроведувањето иновации и тоа на Германија треба да ѝ биде пример.

Фердинанд Дуденхефер е автомобилски експерт на Универзитетот Дуизбург-Есен.