1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Октоберфест го освои светот

Сара Штоларц/ Клер Аткинсон/ Александра Трајковска22 септември 2012

Дирндл, дувачки оркестри и огромни пивски чаши: Октоберфест остава белег врз сликата што светот ја има за Германија. Но светот не е само посматрач, веќе одамна фестивалот има свои пандани на различни места на планетава.

https://p.dw.com/p/16Cey
Фотографија: dapd

Почетоците на Октоберфест се во Германија. Но веќе одамна за него не мора да се дојде во Минхен. Познатиот баварски пивски фестивал може да се доживее и во Лондон, Охајо, Сиднеј или Бразил - па дури и во Палестинските области.

Кожни панталони и келнерки во дирндл (баварска носија н.з.) во САД не се секојдневие. Но, при пописот на населението во Соединетите Американски Држави во 2010 година, околу 50 милиони Американци наведоа дека имаат германско потекло. Оттука не треба да зачудува тоа што вториот по големина Октоберфест по Минен, со околу половина милион посетители, се одржува во американскиот град со најголем број граѓани со германско потекло, Синсинати во Охајо. Таму се одржува „Октоберфест Синсинати“ - германски фестивал на кого белег сепак му дава културата на средниот запад.

FLASH-GALERIE Oktoberfest New York USA
Октоберфест се слави и во ЊујоркФотографија: picture alliance/dpa

Стотици вакви фестивали во САД укажуваат на културното влијание кое го извршиле германските доселеници во вековите наназад.

Од другата страна на Атлантикот

Исто така и на т.н. стар континент, надвор од Баварија, не би се очекувало да се чуе баварската музика. Но токму музиката од дувачки оркестри одекнува во лондонскиот паб „Bavarian Beerhouse“.

Оваа огромна подземна пивска сала во центарот на Лондон е отворена цела година, а за време на Октоберфест таму се одржуваат посебни свечени манифестации. И додека вистинскиот Октоберфест во Минхен трае само две недели, во оваа пиварница во Лондон од 2004 година се слави цели осум недели. „Почнавме со само две недели“, вели менаџерката Џеси Калкун, „но стана толку популарно што надополнуваме недела за недела; луѓето едноставно го сакаат тоа“.

Октоберфест во Австралија, Јужна Америка и на Блискиот Исток

На сосема другиот крај на светот исто така расте воодушевувањето од Октоберфест. Во двата големи австралиски градови Сиднеј и Мелбурн Октоберфест се слави во германските пивски градини, пиварниците и рестораните, а свечености се одржуваат и на факултетите - секаде каде луѓето бараат некаков изговор за да се опијат.

Oktoberfest Sydney Australien Loewenbraeu Keller
Изгледа како во Минхен, но ова е Октоберфест во СиднејФотографија: Bavarian Hospitality Group

Јужна Америка е исто толку оддалечена од Германија колку и Австралија. Но, во бразилскиот град Блуменау, подигнат од Германци, се одржува најголемиот Октоберфест во Јужна Америка. Преку 500.000 луѓе година за година го посетуваат тамошниот фестивал.

На крај одиме на уште едно место каде навистина не може да се замисли Октоберфест - Тајбе, мало христијанско село на Западниот брег. Веќе осум години таму се организира единствениот Октоберфест на целиот Блиски Исток - со арапско јадење и музика, како и локално произведено пиво. Тоа исто така се вика Тајбе, што на арапски би значело „вкусно“. Годинава Октоберфест во Тајбе треба да се одржи на 6. и 7. октомври.

Октоберфест се слави во најдалечните делови на светот - насекаде каде во изминатите столетија се населувале германски иселеници. Но, ширењето на оваа германска традиција се должи и на изворедниот глас за добар квалитет, што го ужива германскот пиво.