1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворени карти за затворен дијалог

28 јуни 2022

Македонската влада е во грч, со причина - досегашното бугарско вето се заменува со друго - пролонгирано и условено вето. Но, во битка за интеграцијата, не смее да страда демократијата. Пишува Катерина Блажевска

https://p.dw.com/p/4DLGf
Nord-Mazedonien: Vor dem Regierungsgebäude in Skopje weht die EU-Flagge
Фотографија: DW/F. Schmitz

Македонската влада е во грч, со причина - досегашното бугарско вето се заменува со друго - пролонгирано и условено вето. И додека ВМРО-ДПМНЕ прашуваше дали тим од МНР заминал на тајни преговори во Софија за францускиот предлог, некои потези навестија дека можеби нема ништо од тоа. Во спротивно, шефот на дипломатијатата сигурно би бил зафатен со многу поважни нешта (да биде на линија со тимот и во разговори со европски колеги), наместо на Фејсбук да раскажува за првиот протокол потпишан од страна на неговиот претходник.

Два дена пред крајот на француското претседателство, кога на јавноста ѝ се сервирани очекувања дека „ако има политичка волја, може да се дојде до решение“, (не)дипломатска пресметка преку Фејсбук е последното нешто што треба да си го дозволи кој било министер. Османи алудира дека другата страна ги поминала црвените линии на пристојност, па негова должност е да „ги отвори картите до крај“. 

Молкот како црвена линија  

Ако РСМ е демократска земја, право на слободно мислење и изразување, право на став и оценка за францускиот предлог има секој граѓанин. Зошто еден претходен министер би го немал тоа право? Во демократско општество молкот не смее да ви биде црвена линија, ниту да се негува флотантна маса која ништо нема да прашува, туку само ќе дава „амин“. Тоа што ставот на Димитров, на дел експерти и аналитичари не се совпаѓа со ставот на актуелниот шеф на дипломатијата за францускиот предлог, не смее да биде ни повод ни причина за внатрешна пресметка. Земјата нема штета од дебата, туку од недостиг на дебата. Во битка за интеграцијата, не смее да страда демократијата.

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина БлажевскаФотографија: Privat

Да не заборавиме: преговорите ги води мал тим луѓе, разговорите не се јавни, никој надвор од тој круг не се меша во нив, ниту може да се меша. А кога резултатите од тие преговори ќе станат достапни за јавноста, макар и без транспарентост од нашите власти, доаѓа време за рецензија.

На тој план сега владее најголемата чувствителност. Не е во прашање дилемата дали државата е пред избор дали набави два тона јаболка или три тона круши, туку прашање кое најдлабоко ја засега нејзината идентитетска суштина. Без таа суштина, залудна е помислата на каква било интеграција, ако патот до неа може да крие неограничен број сопки и замки кои водат кон идентитетска дезинтеграција. Тогаш, зошто би било чудно ако граѓаните се крајно сензибилизирани за ова прашање? 

Господар на процесот 

„За да бидете целосно слободен, не треба само да избегнувате да станете роб, туку треба да избегнувате и да станете господар“.

Оваа изрека е добра илустација за она што се случува сега. Се наметнува впечатокот дека на едната страна е „господарот на процесот“ кој во раце ја држи целата, единствена и непобитна вистина, дипломатски тајни и вештини, а на другата - збир од неедуцирани, некомпетентни или изманипулирани лица кои не ги познаваат процедурите и постапките, па сѐ до  тврдења за обиди за хибридни нападиврз државната стратегија. 

„Не со тие куршуми“, ве молам. Државната стртатегија била направена и спроведена многу порано. Реакциите сега се однесуваат на резултатот. Критиките се и порака и охрабрување до власта - да го одбие предлогот. Потоа ќе се прават анализи дали се грешело, каде се грешело, зошто се грешело, или можеби - никој не ќе можел ништо повеќе да направи наспроти интересите на поголемите и помоќни од нас. И сето тоа може да се одвива на еден цивилизиран начин како што доликува на битка за национални интереси, а не битка на суети. 

Бидејќи, кога „господарењето“ со процесите ќе го замени конструктивниот дијалог, тоа се мултиплицира на разни нивоа во власта, па затоа повторно сведочиме на недостојни слики од Собранието што го обиколија целиот регион, со посебно внимание во соседството. И тие што го испровоцирале инцидентот, и тој што го крунисал, на никаков начин не ги бранат националните интереси. Само ја продлабочуваат јамата. 

Ако требаше да испратиме слика дека сме демократија зрела да почне преговори со ЕУ, споменатите начини не се препорака за тоа. Ни дома, а камоли надвор. Единственото во што „успеавме“ - е да си ги отвориме картите и да бидеме прочитана карта.