Отстапките на Јанукович не се доволни
31 јануари 2014Отстапките направени од украинскиот претседател Виктор Јанукович пред опозицијата не се доволни за намалување на тензиите и ставање крај на политичката криза во земјата, изјави денеска американскиот државен секретар Џон Кери. За време на средбата во Берлин со германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, Кери изјави дека надворешни сили не смее да се мешаат во украинската криза, која треба да се реши од украинскиот народ. Јанукович ја прифати оставката на Владата и предложи амнестија на луѓето, уапсени за време на протестите во Киев.
На средбата меѓу Кери и Штајнмаер, меѓу другото, било разговарано и за американскиот шпионски скандал, што според Штајнмаер не треба да го уништи пријателството меѓу САД и Германија. Кери им советуваше на Германците да ја надминат лутината поради скандалот и се свртат кон иднината на меѓусебните односи.
„Ние сме партнери и покрај пречките на патот, и ќе најдеме начин за продолжиме да одиме напред“, изјави Кери на заедничката прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел. Таа пак оцени дека разликите меѓу двете околу скандалот веројатно „нема да се надминат“, но додаде дека тоа не претставува закана за основата на американско-германските односи.