1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Палењето на Коранот го турна ИСАФ во тешка криза

3 март 2012

ИСАФ трупите во Авганистан работеа да ги придобијат симпатиите на населението во Авганистан. По палењето на Коранот во една американска база и протестите тоа станува се’ потешко.

https://p.dw.com/p/14Ac3
Фотографија: Reuters

Остатоците од запалениот Коран, пронајдени во американската воздушна база Баграм се навреда за секој верник муслиман, меѓутоа протестите како последица на овој чин, на кои само во неделата починаа најмалку 30 луѓе, веќе не се поврзани со овој случај, уверен е експертот Томас Рутинг. Гневот, фрустрацијата и лутината на многу Авганистанци ќе се насочат против целокупната помош за Авганистан на меѓународната заедница. „Она што многу повеќе ги лути Авганистанците е што во ноќните мисии се убиваат луѓе, кои не се бунтовници. Тоа зачестува во последно време“.

Кој може да ја смири разгневената маса?

Стратегијата за Авганистан на Западот би морала критички да се преиспита, бара Рутинг. „Краткорочно може само да се надеваме, дека властите во Авганистан ќе делуваат смирувачки. Карзаи се обиде. Исто така и некои од мулите проповедаа мир“. Колку сериозно претседателот ги проценува протестите во својата земја, се гледа по тоа што Хамид Карзаи по повеќе писмени изјави вчера се обрати и преку радиото. Покрај повикот до американската влада да ги извадат пред лицето на правдата одговорните за палењето на Коранот, претседателот пред се’ се обрати до сопственото население: „Времето е зрело да се делува смирено и мирно“. Апел кој досега не се отсликува врз развојот на протестите. И без тоа влијанието на претседателот во земјата е ограничено со оглед на лојалноста кон различни племиња.

Hamid Karsai
Претседателот Хамид КарзаиФотографија: picture-alliance/dpa

Таен извештај на НАТО проценува дека талибанците се зајакнати

Во таен извештај на НАТО, кој веќе сигна до повеќе медиуми, се проценува дека широки делови на населението гледаат шанса во преземање на власта од талибанците - поради фрустрацијата од корупцијата во владините редови и забавениот развој во земјата. Инцидентот од Баграм би можел само да го зајакне овој тренд. Талибанците пак се обидуваат да ги инструменализираат протестите во земјата во своја корист. И покрај тоа што претседателот на САД Барак Обама му се извини на авганистанскиот народ за палењето на Коранот, радикалните исламисти полагаат на натамошна ескалација, како убиството на двајца американски официри во високо безбедносниот контролен простор на министерството за внатрешни работи во Кабул во саботата. Со тоа што НАТО по ова го повлече странскиот персонал од министерствата би било во интерес на радикалните сили. На обновата на земјата со ова и е зададен нов удар.

За Американците опасноста во Авганистан е изменета. Американската амбасада преку твитер ги повика своите граѓани, засега да не ги напуштаат своите домови. Но, и сојузниците на Вашингтон станаа мета на омразата и протестите. Во северен Авганистан, каде е активен германскиот Бундесвер, генералот Ерих Пфефер проценува дека состојбата во моментов е „непресметлива“. Од кампот Талокан Германците се повлекоа предвремено, а во околината на базатат во Кундус на протестите во саботата животот го загубија најмалку три лица.

Proteste Koran Verbrennung Afghanistan
Фотографија: Reuters

Дискусија за превремено повлекување

Продолжување на бранот насилство би можело да ја поттикне дискусијата за предвремено повлекување на западните војници. Развој, кој како што стравува Рутинг, би имал катастрофални последици за населението.

Зошто подготовката на американските војници, која опфаќа и религиозни и културни теми, овојпат не функционираше, во моментов е нејасно. Според податоците на американските сили за безбедност војниците сакале „да ги расчистат“ религиозните списи, меѓу нив и повеќе егземплари на Коранот на заробени бунтовници, бидејќи тие во кампот биле користени за размена на информации. Религиозните книги, очигледно без провокативна заднина, но против протестот на авганистанските соработници, биле изгорени во постројката за горење на отпадоци во кампот. Процесот траел пет минути, но последиците, уверени се повеќемина експерти за Авганистан, ќе ја следат мисијата на ИСАФ се’ до нејзиното повлекување од Хиндукуш во 2014-та година.

Автор: Андреас Нол/ Александра Трајковска

Редактор: Симе Недевски