1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Палмира- засекогаш загубена?

Ане Алмелинг/бг7 октомври 2015

Дел по дел, терористичката организација Исламска држава ги уништува културните споменици во античкиот град Палмира. Експертите размислуваат дали е можна обнова на разурнатото

https://p.dw.com/p/1Gjig
Фотографија: dpa

Импозантни столбови, широки патишта, огромни урнатини- античкиот сириски град Палмира е еден од најпознатите светски пример на извонредната римска архитектура. Со децении, Палмира привлекуваше илјадници туристи, а огромен број научници ја истражуваа. Денес, никој не знае што останало од античката комерцијална метропола. Од мај годинава, пустинската населба е во рацете на терористичката ИД, која систематски ги уништува храмовите, триумфалните порти и гробните кули.

Загуба која ги загрижува историчарите и археолозите ширум светот. „Палмира е уникатно место затоа што ги симболизира отвореноста кон светот и културната различност, и беше дел од трговската рута која ги поврзувала Кина, Персија и Медитаранот“, вели Маркус Хилгерт, директор на берлинскиот Музеј за античкиот Блиски исток. „Палмира е значајна за нас затоа што е многу добро сочувана. Затоа загубата на нејзините прекрасни архитектонски споменици е многу болно“.

Syrien Palmyra Baaltempel
Фотографија: picture-alliance/dpa/blickwinkel/F. Neukirchen

На почетокот на неделава, терористите на ИД ја дигнаа во воздух речиси 2.000 години старата Триумфална порта (на горната фотографија). Изминативе месеци тие уништија и два важни храма, како и други историски објекти. „Голем песимист сум за иднината на Палмира“, изјави Абдулкарим Мамун, директор на античкиот музеј во Дамаск.

И Маркус Хилгерт стравува дека ИД ќе го уништи целото археолошко наоѓалиште, но не се откажува од Палмира. Остатоците се релативно добро истражени, постојат и бројни фотографии и прецизна документација за наоѓалиштето, па Хилгерт верува дека реизградба или реконструкција на дел од објектите е можна.

Syrien Grabtürme Palmyra IS Sprengung Tombs
Гробните кули во ПалмираФотографија: Reuters/Sandra Auger

Разни можности за реконструкција

Постојат неколку можности за реконструкција. Можат да се користат оригиналните фрагменти од самото место, но може да се изведе и историска реконструкција како онаа изведена врз Берлинската палата- поранешната резиденција на германскиот император- која беше уништена на крајот на Втората светска војна. „Во секој случај ќе бидеме во можност да преземеме такви мерки и во Палмира, но тоа ќе зависи од политичката ситуација и од нивото на деструкција“, убеден е Хилгерт.

Во моментов научниците дискутираат дали може да биде создаден 3-Д модел од постојните 2-Д фотографии. И покрај тоа што не се знае колку е точно уништено, Хилгерт вели дека треба да се размислува за тоа какви превентивни или реконструктивни мерки ќе се преземат. „Не сме беспомошни, имаме средства, можеме да изградиме инфраструктура. Повеќе од сѐ, имаме морална обврска тоа да го сториме, затоа што имавме можност да работиме на наоѓалиштето благодарение на нашите сириски колеги. Затоа е важно да го споделуваме нашето знаење со нив, за да не го загубиме ова богатство засекогаш“.