1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Стил на живот

„Пандемската“ Нова година почна - Нов Зеланд без рестрикции

ЖА / агенции
31 декември 2020

Додека останатите региони уште одбројуваат, во источниот дел на светот Новата 2021 година веќе почна. Секаде нејзиниот дочек е во знакот на коронавирусот, огнометот во Сиднеј помина без посетители.

https://p.dw.com/p/3nPMl
Silvester und Jahreswechsel zu 2021
Фотографија: Sebastian Kahnert/dpa/picture alliance

Во Новата година први влегоа жителите на пацифичките острови Самоа и Кирибати. Расположението, поради пандемијата на коронавирус и таму е поматено. Без оглед што на Кирибати досега немаше ни една единствена инфекција, а на Самоа првиот случај беше регистриран во средината на ноември, откажани беа сите јавни огномети, а на странски туристи засега не им е дозволена посета. Двете земји со загриженост влегуваат во годината, климатските промени им донесоа невремиња, бури и поплави – 3000 острови кои припаѓаат на Кирибати се борат против надоаѓање на водата, резултат на покаченото ниво на морињата.

Насекаде низ светот преминот во 2021 година се случува без вообичаените масовни собири и забави. Австралиската метропола Сиднеј годинава на пример го организира традиционалниот познат новогодишен огномет во редуцирана форма  - во траење од неколку минути и без присуство на гледачи во пристаништето, каде обично се собираат до еден милион луѓе. Како мерка за одвраќање од присуство на граѓаните служеа казни од 1000 австралиски долари.

Нов Зеланд слави без поголеми ограничувања

Без подрастични рестрикции меѓутоа се слави на Нов Зеланд. Таму се одржуваат редица огнометни спектакли и поеќедневни музички фестивали. За разлика од останатите земји, островската држава во Јужен Пацифик повеќе од еден месец нема регистрирано ниеден нов случај на Ковид-19, па манифестациите може да се организираат без ограничување на бројот на посетители.

Влад Илич ви посакува Среќна Нова!

Берлин испраќа неколку илјади полицајци во акција

Германија годинава забрани продажба на новогодишни ракети и петарди заради заштита на болниците од преоптовареност со евентуални повреди од пиротехнички средства. Во Берлин се подготвува масивна акција од 3.000 полицајци кои треба да ги контролираат зоните забранети за испалување ракети и петарди и интервенирање против илегални новогодишни забави.

Шефицата на берлинската полиција Барбара Словик порача: „Не се исплаќа доаѓање пред Бранденбуршката порта, просторот околу неа е блокиран во голем радиус". Таа апелира на разумот и совеста кај граѓаните и очекува тие да останат дома.

Поздрави „од горе"

Двајцата руски астронаути од Меѓународната вселенска станица ИСС на луѓето на Земјата им испратија видеопораки со честитки за Новата година. „2020 година беше тест за планетата. Но, докажано е дека секоја пандемија е немоќна ако човештвото се обедини во она што за нас е најважно – животот", вели Сергеј Ружков во видеото кое го објави руската вселенска служба Роскосмос.

16 пати Нова година – во еден ден

Неговиот колега Сергеј Куд-Свертшков потсетува дека ова е 20. пат што космонаутите во ИСС доживуваат премин во нова година на станицата. Во моментов на најистурената надворешна база на човештвото – Меѓународната вселенска станица – се наоѓаат седум астронаути. Бидејќи ИСС оваа година во новогодишната ноќ 16 пати ќе ја обиколи Земјата, посадата 16 пати ќе стартува во Новата година.