Ќе се спроведат условите или ќе им се пресуди на изборите!
30 јануари 2016Четирите партии сега се на „бришан простор“ и само од нивата волја и ангажман ќе зависи дали ќе се исполнат условите за на 24-ти април да се одржат фер-избори. Ова е заклучокот на аналитичарите, откако гарантите на Договорот од Пржино, вчера на премиерот Емил Димитриев и на лидерите на партиите-потписнички им доставија писмо со три основни услови што треба да се исполнат до 19 февруари.
„Пред распуштање на Собранието, но не подоцна од 20 февруари, ЕУ и САД во консултации со локални експерти заеднички ќе оценат дали се исполнети условите што би воделе до одржување на веродостојни избори на 24 -ти април“, рече амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав.
Аналитичарите сметаат дека со ова на сите партии им се дава уште една шанса за излез од сегашната ситуација.
Кои се трите услови?
Првиот услов е до 19 февруари ДИК целосно да биде обезбедена со персонал и финансии; да се извршат првични вкрстени проверки на сите релевантни бази на податоци за да се процени колку би траел процесот на проверки, вклучувајќи ги и теренските; да постои јасна законска рамка за навремено отстранување на имињата што не припаѓаат на Избирачкиот список; да постои опсежен и фер механизам за разгледување на жалбите од прочистувањето на списокот, а тоа да го надгледува ОБСЕ. Вториот услов е договор за медиумските реформи, а телевизиите да обезбедат објективно и непристрасно известување. Третиот услов е одвојување на државата од партијата. Сите јавни функционери да дадат јасни изјави и писмени инструкции дека нема да се толерираат притисоци врз вработените во јавната админстрација заради поддржување или неподдржување на одредена партија. Тврдењата за притисоци ќе мора да бидат истражени темелно и да бидат соодветно гонети.
„Парламентот, Владата и политичките лидери треба да донесат одлуки и тие се одговорни дали ќе ја вратат земјата на евроатлантскиот пат. Ги поттикнуваме сите партии, граѓани и организации да учествуваат на изборите. Тоа е најдобар начин за јакнење на демократскиот процес“, порача амбасадорот на САД, Џес Бејли.
Два часа претходно лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција соопшти дека СДСМ и неговите коалициски партнери нема да учествуваат на избори на 24-ти април, бидејќи не се исполнети условите за тоа, односно дека се пробиени сите рокови од Договорот од Пржино.
Неутрална проценка
Во писмото од амбасадорите на ЕУ и САД, експертската јавност гледа добронамерен обид за поттикнување на подинамично спроведување на заостанатите обврски. Според аналитичарот Ибрахим Мехмети, се работи за притисок со цел да се забрза процесот за прочистување на Избирачкиот список.
„На овој начиј се отвора 'мала врата' за СДСМ да се предомисли. Односно, се упатува повик партијата да го преиспита својот став, бидејќи планираната евалуација би требало да значи оти аргументите дека нема доволно предуслови за фер избори на 24-ти април, ќе бидат проверени од неутрални учесници. Тоа ќе го стесни просторот СДСМ да инсистира дека нема услови за избори на 24-ти април. Од друга страна, ако евалуацијата утврди дека навистина нема услови, тогаш и партиите на власт треба да се замислат дали ќе инсистираат за избори на 24-ти април. Со тоа, на двете страни им се дава уште една шанса да излезат од оваа ситуација. Бидејќи, ако има бојкот на изборите од страна на опозицијата, ни власта нема да биде во никаква добивка, а ќе се зголеми притисокот од надвор“, оценува Мехмети.
Исполнувањето на трите услови зависи од волјата на четирите партии. По средбата со амбасадорите Орав и Бејли, премиерот Димитриев оцени дека има доволно време и услови до 24-ти април да се организираат фер и демократски избори, во кои сите партии ќе имаат доверба. Тој ја повика СДСМ да престане да го блокира донесувањето на методологијата за прочистување на Избирачкиот список.
„Фактот што се бара начин да се тргува методологијата со медиумите, како што една од партите тоа деновиве го изјави, само покажува дека методологијата не е воопшто проблем, туку дека е инструмент кој некој сака да го користи за опструкции и нови проблем. Го повикувам СДСМ да ја извести ДИК, како што тоа го направија сите други партии, дека ја прифаќа методологијата која ДИК едногласно ја донесе, по што Комисијата веднаш ќе може да започне со прочистување на Избирачкиот список“, рече Димитриев.
Од СДСМ сметаат дека одлуката за тоа е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија пред три дена јавно соопшти дека ќе се откаже од нивните забелешки за методологијата за прочистување на списокот, ако ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА го прифатат предлогот за медиумски реформи на европскиот посредник Питер Ванхауте. Сега чекаат ВМРО-ДПМНЕ што побрзо да се изјасни за нивниот предлог.
Спротивно од пораката на Хан
Големи се очекувањата и во граѓанскиот секотор. Седумдесет и пет невладини организации пред два дена повторно побараа од меѓународните претставници јасно да го осудат едностраното, самоволно и противуставно донесување одлука за одржување избори на 24-ти април, без претходно да се спроведат вистински реформи кои ќе обезбедат услови за фер и слободни избори. Марјан Забрчанец, еден од координаторите на неформалната коалиција „Граѓаните за Македонија“ е задоволен што во последната изјава амбасадорите на ЕУ и САД порачаа дека од огромна важност е учеството на изборите на сите партии, на граѓаните и на граѓанските организации.
„Ова е важно да се повтори и да се чуе, особено заради недоследностите во изјавите на комесарот Хан. Оваа порака е целосно во друг правец од онаа дека е важно да се случат квалитетни избори, без разлика кој ќе учествува на нив. Имајќи предвид дека граѓанските организации не прифаќаат избори без прочистен список, без реформа во медиумите и без учество на опозицијата, логично е да се бара нов датум до кој ќе се обезбедат критериумите, кои ги презентираа ЕУ и САД“, вели Забрчанец.
Според него, ако проценката ја вршат локални и странски експерти, „нема дилема каква ќе биде нивната анализа пред 20 февруари“.
„Во спротивно, изјавата денес ќе содржеше порака дека се можни избори во април.
Постои притисок и врз опозицијата, зашто оттаму доаѓа заканата за бојкот, но изјавата на амбасадорите е, пред сѐ, притисок врз Владата за реформите итно да се интензивираат, за да можеме да зборуваме за избори во јуни. Притисокот за фер-избори од страна на граѓаните и граѓанските организации ќе биде исто така засилен во периодот кој следува, зашто во спротивно мнозинство од граѓаните ќе ги бојкотираат евентуалните избори во април“, вели Забрчанец.
Неофицијално, пред да биде спроведена евалуација на условите за фер избори, ќе се „надгледува“ и однесувањето на партиите, нивната конструктивност, како и реториката што ја користат во меѓусебната комуникација, бидејќи и таа се смета за важен фактор во можноста за разбирање и соработка меѓу политичките субјекти.