Патот на Турција кон авторитарност
Преминот на Турција кон авторитарност е во тек веќе 10 години. Но, по неуспешниот воен пуч во 2016 година, претседателот Ердоган и АКП ја забрзаа консолидацијата на власта.
Јули 2007: Абдула Ѓул станува прв исламистички претседател
По повеќегодишни реформи на пазарната економија, транзицијата на Турција полека почнува да оди наназад. Кандидатурата на исламистот Абдула Ѓул за претседател во 2007 сигнализира напуштање на секуларистичката политика и ги затегнува односите меѓу АКП и армијата. Сепак, со широка поддршка на исламистите и либералите, Ѓул е избран за претседател, а АКП победува на парламентарните избори.
Септември 2010: Уставни реформи
Тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган предлага уставни измени за зголемена контрола над правосудството и армијата, овозможувајќи и на владата да бира судии и високи воени офицери. Амандманот, комбиниран со мерки за заштита на децата и засилување на правото на жалба, е одобрен со големо мнозинство на референдум.
Мај 2013: Ерупција на незадоволство во Гези Парк
Насобраниот гнев на младите луѓе кон Ердоган, Ѓул и исламистичката АКП достигнува точка на вриење во мај 2013. Насилното полициско расчистување на мал собир за заштита на Гези Парк предизвикува масовни анти-владини протести. Најмалку 11 луѓе загинаа, а повеќе од 8.000 се повредени, пред демонстрациите да згаснат еден месец подоцна.
Јули 2015: Офанзива против Курдите
Нестабилното примирје меѓу турската влада и курдската бунтовничка ПКК се распаѓа поради тензиите кои ги создава војната во Сирија. Воените сили ги продолжуваат операциите во југоисточниот дел на Турција против Курдите. На почетокот на 2016, групација на ПКК ја презема одговорноста за два бомбашки напади во Анкара во кои гинат речиси 80 луѓе.
Јули 2016: Неуспешен воен пуч
Воен удар против владата до темел ја потресува Турција и накусо ја претвора земјата во воена зона. Околу 260 цивили ги загубија животите во ноќните судири со армијата во пет големи градови. Ердоган ги повикува своите поддржувачи на отпор, и веќе следното утро војници се во заседа на илјадници цивили на мостот Босфор, каде и се предаваат.
Јули 2016: Ердоган воведува вонредна состојба
По неуспехот на пучот, Ердоган воведува вонредна состојба. Се апсат десетици илјади луѓе осомничени за учество во пучот, но и политички противници. Меѓу уапсените се воени и судски функционери и избрани претставници на про-курдската ХДП партија. Чистчката подоцна опфаќа и јавни службеници, универзитетски професори и учители.
2016: Задушување на медиумите
Како дел од пресметката на Ердоган со наводните „поддржувачи на тероризмот“, Турција станува една од водечките земји во светот по бројот на уапсени новинари.Владата затвора околу 110 медиуми по пучот и затвора повеќе од 100 новинари, меѓу нив и Германецот со турско потекло Денис Јуџел.
Април 2017: Ердоган победува на референдум
Ердоган тесно успева да победи на референдумот на кој се гласа за проширување на неговата моќ. Турскиот парламентарен систем практично се напушта во корист на силна егзекутивна власт. Ердоган добива можност да владее до 2029 година. Меѓународните набљудувачи велат дека на гласањето имало неправилности, а медиумската кампања во целост била во корист на кампањата на Ердоган.
Јуни 2018: Нова изборна победа на Ердоган
Ердоган си обезбедува нов петгодишен мандат и огромни извршни надлежности откако убедливо победува на изборите на 24 јуни. Неговата АКП и нивните националистички партнери добиваат убедливо мнозинство во парламентот. Меѓународните набљудувачи го критикуваат гласањето, со оценка дека медиумското покривање и вонредната состојба му дале огромна предност на Ердоган.