Пендаровски: Три клучни документи за независноста
8 септември 2021Избледените телевизиски снимки денеска повторно ќе нѐ потсетат на денот што ја одреди современата историја на Македонија. По триесетти пат ќе го слушнеме воскликот „Нека ни е честита слободна, суверена, самостојна Македонија!“, зборовите со кои тогашниот претседател Киро Глигоров им го честиташе референдумскиот резултат на граѓаните, кои се определија за независна Македонија. И самиот Глигоров беше доживуван како „историја што чекори“, за жив споменик на цела епоха, за личност која ги поврза двата столба на македонска државност - АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991 година. Денес не е меѓу нас, но врз темелите на прогласената независност други генерации ја продолжија битката за јакнење на сувереноста и самостојноста.
Трите документи
Во изминатите три децении земјата се соочи со воен конфликт, оспорувања, вета и многу политички искушенија, а излезните решенија станаа нејзин политички капитал и поуки за иднината. Актуелниот претседател на државата, Стево Пендаровски, во разговор за ДВ укажува на три документи кои ги смета за клучни за стабилноста на земјата.
„Според мене, три документи се издвојуваат по своето значење за стабилноста и иднината на земјата: првиот устав од 17 ноември 1991 година, кој комисијата на Бадинтер го дефинира како точка на наша формална дисолуција од поранешна Југославија, потоа Охридскиот договор, и Преспанскиот договор, кој ни овозможи дефинитивен влез во сите меѓународни организации со дефинирани идентитетски маркери и за државата и за македонскиот народ", оценува Пендаровски.
Во обид да се направи сумарум на 30-те години независна држава, освен овие три пресвртни точки, Пендаровски смета дека барем уште дузина други легитимно влегуваат во дискусијата за тоа како требаше денес да изгледа македонската држава.
„Во тој контекст, најчесто повторувано прашање е - дали ја заслуживме независноста? Според мене, тоа е прашање од сосема поинаков категоријален статус кое не треба да се меша со останатите. Независноста во 1991 година е третата и последна фаза на најголемиот национален проект во нашата историја, инициран преку двата Илиндена. Прашањата од типот, зошто денес имаме 450 евра просечна плата, а не илјада, дали бројката на невработени и иселени мораше да биде толку висока, или за квалитетот на услугите кои државата преку судството, администрацијата и надлежните институции ги испорачува на граѓаните, се апсолутно легитимни. Тие сериозно го проблематизираат ефектот од владењето на сите политички елити од независноста до денес, меѓутоа, не го поткопуваат проектот за независна, слободна и конечно, наша, сопствена држава. Со сите свои недостатоци, власта која нашите граѓани ја избираат на слободни избори не може да биде полоша од било која власт наметната однадвор“, дециден е шефот на државата.
Дефиле на независноста
Јубилејот - 30 години независност денеска ќе се одбележи со церемонијална државна манифестација пред Собранието. Прославата ќе биде збогатена со музичка програма и дефиле на независноста, во кое ќе учествуваат ансамбли и културно-уметнички друштва, рудари, земјоделци, волонтери на Црвениот крст, извидници, здравствени работници, спортисти, пожарникари, припадници на полицијата и армијата... Свои обраќања ќе имаат шефот на државата и премиерот, како и видео обраќање на претседателот на Собранието.
Владата уште пред една недела одржа свечена седница посветена на 30-годишнината од независноста на државата.
„Денес Република Северна Македонија својата независност ја потврдува во најмоќниот воено-безбедносен Сојуз - НАТО и како кандидатка за членство и во најсилната економска заедница на светот - Европската Унија“, потенцираше премиерот Заев.
„Засекогаш ќе ги паметиме и ќе им оддаваме почит на сите државници и членови на владите кои денес не се меѓу нас и кои се вградија во остварувањето на независноста и во градењето на нашата држава според современите демократски вредности. Во периодот од 77 години од државотворниот АСНОМ и 30 години пат на самостојно, независно учество во животот на заедницата на народите, научивме неколку важни лекции. Една од најважните е лекцијата за чувањето и негувањето на демократија. Обновата не демократијата и на демократските институции ја зајакна кохезијата во нашето општество и го издвои приоритетот за обединување за да ги оствариме врвните државни интереси и главните национални приоритети“, порача Заев.
„Независноста нѐ научи која е формулата којашто дава резултат. Тоа е храброст, работа и отвореност. Ништо не оди лесно, но ако е тешко, не значи дека е невозможно“, рече министерката Радмила Шекеринска.
На свечената седница беше оддадено и посебно признание на првиот собраниски состав и поддржана иницијативата на премиерот Заев за доделување признанија (и постхумно) на сите тогашни 120 пратеници, за нивниот особен придонес во поставување на општествените и институционалните темели во изградбата на слободна, независна и демократска држава.