1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Перфидниот план на исламистите во Пакистан

Флоријан Виганд / превод: ЕМФ29 март 2016

Цел на напад во Лахоре беа христијани, но погодени беа пред сѐ муслимани. Луѓето повторно ќе почнат да бегаат и од оваа земја, каде дури и излет во забавен парк е опасен по живот, оценува Флоријан Виганд.

https://p.dw.com/p/1IL6w
Фотографија: Getty Images/AFP/F.Naeem

Ако се следи циничната логика на атентаторите, тогаш нападот во Лахоре беше бламажа. Тие со нападот врз забавниот парк во милионскиот Лахоре сакаа да ја погодат христијанската заедница токму на Велигден. Неконечниот број на загинати изнесува над 70, меѓу нив најмалку 26 деца, и, од агол на гледање на атентаторите - премалку христијани. Така јавува дописникот на ДВ од лице место.

Тврдењето на напаѓачите дека сакаат да погодат христијани е перфидна ПР-стратегија. Отцепеното крило на талибанците можеше со право да се надева дека ширум светот, а пред сѐ на главно христијанскиот Запад, ќе добие најголемо можно внимание. Но, уште еднаш се покажува: сеедно какви цели следат исламистите, сѐ уште најголемиот дел од жртвите се муслимани. Така е во Сирија, Ирак, Африка, Индонезија или во трајното жариште Авганистан-Пакистан.

Weigand Florian Kommentarbild App
Флоријан Виганд

Исламистите навистина не можат да му префрлат на Пакистан дека има особено секуларно законодавство. Бласфемијата сѐ уште е злосторство за кое следува смртна казна. Многу Пакистанци се муслимански верници, кои освен тоа сметаат дека е во ред и јавниот живот да биде уреден според одредбите на коранот. Но, дел од реалноста е и фактот дека христијанските училишта, т.н. „Convent-Schools“, се омилени институции за образование на децата на муслиманската елита. Нивото на училиштата е неспорно високо. И тоа е дел од една земја чија општествена комплексност не може да се опише во неколку реченици.

Духови од шише

Ако по нападите се фрли поглед врз социјалните мрежи, може да се забележи само огорченост и шок. Млада муслиманка од Исламабад, на пример, пишува дека сите луѓе ѝ се браќа, а друга го цитира пророкот Мухамед, кој би ги осудил ваквите злосторства. Истовремено, меѓутоа, во земјата вирее и нездрава струја на радикален исламизам - долго поддржуван од страна на владата и на тајните служби као инструмент во борбата против соседот Авганистан. На почетокот тоа го поддржуваа дури и САД, во 80-тите години на минатиот век, кога Авганистан беше комунистички и кога беше дозволено секое средство во борбата против поранешниот Советски сојуз. Сега е тешко земјата да се ослободи од овие духови. Минатата година имаше повеќе воени офанзиви, но нападите постојано се зголемуваат.

Може да се очекува дека и сѐ поголем број Пакистанци би можеле да си ја побараат среќата во странство. Среќен е оној кој може да може да смета со една од многуте стипендии или добра понуда за работа од Емиратите или од Европа. Привилегираната елита веќе сега наголемо профитира од тоа. Помалку привилегираните ќе размислуваат дали дури и камп како Идомени можеби не е подобра алтернатива од земјата каде дури и семеен излет во забавен парк е опасен по жиовот.