1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Пет плус еден“ еднакво на нула-транспарентност

16 декември 2021

Според медиумски наводи, изјавата на премиерот Петков за планиран „многу брз процес“ со Скопје, не била координирана со претседателот Радев. Зошто Софија гледа ризик во временски рок за договор?

https://p.dw.com/p/44LJF
Bulgarien  Kiril Petkov und Rumen Radev
Фотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

Какви се македонските одговори на пакетот „5 +1“? Зошто бугарската страна има недоверба и бара гаранции од Скопје? Дали преговорите со Софија траеле во континуитет и со унисона политика, или со двојни позиции? Овие, и многу други прашања излегоа на површина, откако се отворија старите „карти“ на Софија за ново вето. Дури и малку пооптимистичките тонови што дојдоа од новиот бугарски премиер, според медиумски наводи, биле неусогласен, соло - настап, што ја засилува дилемата уште колку непознаници стојат на патот до решението на спорот меѓу Скопје и Софија?

Според неименувани извори на „Еурактив“, изјавата на новиот бугарски премиер Кирил Петков за „Фајненшл тајмс“ за планиран „многу брз процес“ со Скопје, не била координирана со претседателот Румен Радев, кој денеска во Брисел ќе ги брани позициите на Бугарија. Според порталот, претседателот се нашол неподготвен пред стратегиите на премиерот, и покрај тоа што двајцата биле многу блиски во текот на месеците на политичка криза.

Извори запознаени со ситуацијата, посочиле дека Радев не сака да има ограничена временска рамка за решавање на прашањето со ветото, бидејќи ризикот бил дека Скопје може само да чека да помине времето, наместо да се занимава со загриженоста на Бугарија.

Ваквите наводи што порталот ги објави на 14-ти декември, Радев вчера и директно ги потврди со став дека „процесот не се води од рокови, туку од резултати: рокови не даваме, очекуваме резултат“. Дали со тоа ги релативизираше или елиминираше „шесте месеци“ во изјавите на Петков?

Сепак, премиерот во заминување, Зоран Заев, не губи надеж и очекува позитивни реакции од Радев и новата бугарска влада.

„Знаејќи дека на 13-ти декември се формираше новата бугарска влада не можете да очекувате на 14-ти декември Советот за општи работи, каде што присуствуваат министрите, да донесат одлука. Јас навистина не губам надеж дека новата бугарска влада, со помош на претседателот Радев, ќе ги дадат позитивните реакции. Конечно имаме дадено наши одговори, и верувам дека се надминати сите недоразбирања. Ако остануваат детали, ние сме на располагање како држава, под раководство на идниот премиер да ги допрецизираме и да ги разговараме“, изјави вчера Заев.

Двојна позиција на Скопје

Но, веќе стигна отворена критика од бугарска страна за тајмингот на дадените одговори од македонска страна за пакетот „5+1“, токму на денот кога службениот министер за надворешни работи Светлан Стоев и ја предаде функцијата на новата шефица на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска.

„Ако треба да зборуваме на кој начин и како беше врачен одговорот од македонската страна на нашите елементи, кои беа дадени од нас уште во септември, тие не беа дадени до почетокот на декември, до предавањето на нивната интерпретација на пакетот ‘5 + 1’. Тоа се случи во Рига за време на НАТО-средбата. Тоа покажува дека од една страна се прави сѐ што е возможно за да бидеме поставени на дополнителен притисок до последните денови пред средбата на Европскиот совет. Во секој случај, тоа прашање не се решаваше во целиот период на преодната влада“, изјави Стоев.

Практично, македонската јавност првпат од него слушна кога и каде бил доставен одговор за пакетот „5+1“ од официјално Скопје.

Стоев додаде и дека непрекинато имало „двојна позиција“ што се слушала од македонските политичари. Едни рекле „да“, добро се одвиваат работите на експертско ниво, разговараме, преговараме и постигнуваме резултати. Но, следниот момент имало други политичари кои тврделе дека не преговараат со преодна влада, затоа што таа нема мандат.

И додека Стоев вели дека прашањето не се решавало во целиот период на преодната влада, специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија, Владо Бучковски, пред една недела во разговор за ДВ го посочи спротивното.

„Петте точки се тема на разговори повеќе од една година. И за време на службената влада во Бугарија продолжи комуникацијата на нашето и бугарското МНР, на министерско и експертско ниво. При посетата на Софија, во јуни годинава, нашата делегација предводена од премиерот Заев разговараше со претседателот Радев и со службениот премиер Јанев за петте точки. Во октомври во Брдо кај Крањ, премиерот Заев на два пати разговараше со претседателот Радев, вториот пат во присуство на канцеларката Меркел. Тогаш, во јавно дадена изјава, Радев потврди дека се бараат конкретни решенија за 5 плус една точка“, рече Бучковски.

Што сме одговориле?

Но ова тврдење не ги затвора ни прашањата, ни дилемите.

„Јавноста треба да знае кој е одговорот на македонската влада на бугарските барања 5+1“, порача д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика, во емисијата „Вин вин“ на ТВ Телма.

„Ние сега ќе се занимаваме со надградбата, како што вели бугарскиот премиер Петков, и со работните групи со коишто треба да се интензивира соработката. Меѓутоа, како е тоа поврзано со суштинската условеност за отпочнување на преговори на Македонија со ЕУ и нивната блокада, која е блокада на преговарачката рамка. Немавме меѓувладина конференција, затоа што не беше усвоена преговарачката рамка. Значи Бугарија бара измени на преговарачката рамка. Како тоа ќе биде артикулирано, тоа е клучното прашање. И како тоа може да се артикулира низ некакви директни преговори меѓу нас и Бугарија без да имаме улога на претседателството, односно Советот на ЕУ. Значи тие прашања како да се тргаат на страна, не се кажува што е со ‘пет плус еден’, а тоа се всушност интерпретирани некои од барањата токму од рамковната позиција на Бугарија“, оцени Ристевска.

Таа рамковна позиција денеска ќе ја брани бугарскиот претседател Радев. И премиерот Петков ќе отпатува во Брисел, но утре (петок), каде според „Еурактив“, веќе имал потврдени средби со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Се очекува основната тема на разговорите да биде бугарското вето за Северна Македонија. Пред три дена, веднаш по изборот на бугарската влада, премиерот Петков објасни зошто на 16-ти декември нема да биде во Брисел.

„Во моментов, со актуелните кризи, претпочитам моето прво појавување да не е во Брисел, бидејќи треба да приоритизирам. Претседателот Румен Радев ќе ја претставува Бугарија“, рече новиот бугарски премиер.