Победоносен поход на мобилниот телефон
11 август 2012„Секогаш го носам со себе. Ако го немам, се збудалувам и одам да го земам“.
„Тоа е првото, каде што наутро погледнувам и последното пред да одам во кревет“.
„Тоа е веќе како зависност“.
Мобилниот телефон денес е модерен, лесен, секогаш при рака. Својата кариера тој сепак ја започна како тешка категорија, љубезно наречен цигла или коска. Почетоците, да се биде секаде достапен, датираат уште во 80-тите години, барем за оние добростоечките и важните, оти првиот мобилен телефон чинеше околу 3.000 марки и имаше автономија на батеријата од еден час. Првите обиди за безжична телефонија почнаa во 50-тите години, но резултатите не одговорија на очекувањата. Поради технички проблеми и високи трошоци аналогните мрежи А, Б и Ц не се пробија. Тоа и’ успеа на 1. јули 1992. година на дигиталната Д-мрежа. Таа овозможува мобилна телефонија за сите.
Брзо потоа станаа поповолни корисничките тарифи и апаратите, а телефоните помали. Сепак, денес е веќе заборавено, но на средината на 90-тите повеќето сметаа дека оној кој поседува мобилен телефон е арогантен тип.
„Сега би сметал дека едноставно екстремно оди на нерви да се нема мобилен, оти можам да замислам дека така честопати се одминуваме или да се помисли: би било добро да можеме да го викнеме и него, но тоа едноставно не оди“, вели еден корисник.
„Со оглед на тоа што моето социјално опкружување поседува мобилни, морам за да сум во контакт со нив и јас да имам телефон, значи тој е неизоставен“.
„Тој е со мене 24 часа. Никогаш не го исклучувам. Кога ќе забележам дека батеријата има еден процент, веднаш го полнам. Значи, никогаш не го исклучувам. Веќе ѕвони мојот мобилен“.
И сите слушаат!
„Во метрото не морам да дознаам какви брачни проблеми има соседот со својата сопруга. И тоа делумно со толкава јачина, што треба да им се каже: ова не е мегафон, ова е телефон“.
Дека може и да се исклучи: „Во секој случај почесто треба да се има храброст апаратот едноставно да се исклучи и да се стави настрана и извесен период да се заборави на него. Да се биде достапен во секое време е всушност глупост“.