Германците и месото
9 август 2019Уште една летна дискусија: како би било намесото веднаш да се воведе данок од 19 проценти, наместо како до сега намалената ставка од седум која важи за прехрамбени производи? Со така стекнатите даночни приливи да се придонесе за поголема грижа за доброто на животните и пошумување на германските гори? Во дебатата учествуваат многу политичари во Германија. Но, на повеќето само им текнуваат аргументи зошто тоа не би било спроведливо. Либералите велат дека даночни зголемувања се секогаш лоша мерка. Социјалдемократите аргументираат дека тоа секогаш ги погодува најмногу сиромашните слоеви. И дебатата продолжува итн. итн.
Не се случува ништо!
Таквото даночно зголемување само минимално би го поскапело месото и точно е дека пред се на луѓето со поголеми примања воопшто нема ни да им падне в очи таквото поскапување. Сепак, дебатата се води со голема сериозност и на крај како заклучок изгледа ќе произлезе дека нема да се стори ништо. Повторно.
Во Германија се јаде месо
Темата секако не е најпогодна за храбри промени. Во Германија се јаде месо, иако бројот на вегетаријанци се повеќе расте. Пред неколку години Зелените имаа лошо искуство кога во предизборрна кампања се залагаа за ден без месо во јавните градинки и кујни. Само еден единствен ден. Но, тоа ги чинеше безброј гласови. Зелените никогаш повеќе нема да ја направат истата грешка, си ветија тогаш.
Поларизирање во политиката и општеството
Тоа е само еден пример како политиката во се покомплексната демократија самата придонесува да им стане излишна на луѓето. Јасни мнозинства во силно променетиот партиски систем се потешко се добиваат, можеби токму од таа причина владата наскоро ќе биде составена од четири партии. Поларизацијата во населението е причината што едвај некоја партија се поместува од своите ставови бидејќи само јасните ставови носат гласови.
Следен пример: енергетика
Значи ништо од даночното зголемување за месо. Можеби и не е така добра идеја. Но, впечатлив е начинот на кој политиката и општеството пристапуваат кон големи промени, од кои некои навистина се итно потребни. Друг пример е енергетиката. Сите политичари го фалат трансферот кон обновливи извори на енергија. Но, кога е во прашање создавањето инфраструктура за нив, како на пример нови траси за електрична енергија преку кои ќе се пренесува струјата добиена од ветерници од северот на индустриски силно развиениот југ, огромниот проект веќе е блокиран. Граѓаните се бунат, локални политичари им се приклучуваат. Сега расте отпорот спрема ветерници и актуелно речиси и да нема поставување на нови во Германија. Каква промена во енергетиката!
Нема промени
Останува нејасно како во вакви услови во едно општество кое едвај веќе постигнува консенз за било што, би можел да падне договор за на пример голема даночна или пензиска реформа. Притоа нов начин на обезбедување средства за старост е итно потребен. Тоа што сега ни е потребно, а порано беше составен дел од доброто водење политика е нешто што веќе го нема ни меѓу населението: волјата за компромис. Да се погледне големата слика, да се направи неможното можно. Надежта последна умира.