1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поделбата на Косово им отвора апетити на Србите и Албанците

28 август 2017

Некои го слават Вучиќ како „српски Вили Брант“ иако не кажува конкретно како ќе се решава косовското прашање, пишува „Зиддојче Цајтунг“. Неговите соработници имаат идеи, но тие предвидуваат прекројување на границите.

https://p.dw.com/p/2ixo2
Serbien Ivica Dacic und Aleksandar Vucic
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Претседателот Александар Вучиќ, некогаш миленик на националистите, изненади со предлогот да се прифати загубата на Косово“, пишува во воведот на текстот угледниот „Зиддојче цајтунг“. Во него се повикува на текстот кој Вучиќ го објави кон крајот на јули во белградски „Блиц“. Весникот сугерира дека Вучиќ побарал од Србите да го прифатат губењето на Косово, иако тој фактички тоа никогаш го нема сторено.

„Србија и Косово, тоа е вечната приказна за крв и земја, војна и криза“, наведува „Зиддојче цајтунг“.

„Можното губење на колевката на српството во Белград е табу и покрај фактичката состојба. Преамбулата на српскиот Устав го означува Косово како интегрален дел на Србија. И тука доаѓа Вучиќ со поттик дека (Србија, н.з.) треба да се ослободи од целиот политички и емоционален товар“. Се додава дека пресекувањето на „косовскиот јазол“, што како своја цел ја прокламираше Вучиќ, без сомнеж би било благослов за Србите и Албанците и ветер в грб на „долгиот пат во европската заедница“.

„А во Србија? Таму навистина започна интерната дебата која ја бараше претседателот - иако не може да се препознае јасен правец. Освен разни теории на заговор, Вучиќ мора да трпи и обвинувања за предавство од националистите, вклучително и од кругови блиски до православната црква. И тоа токму тој, кој на бранот на национализмот стигна до врвот во текот на косовската војна во 1999 година, служејќи му на диктаторот Слободан Милошевиќ како министер за информации. Либералните сили, на кои Вучиќ отсекогаш им бил сомнителен, неговиот предлог го отфрлаат како празна реторика“.

„Сомнежите се навистина издржани и тоа не само поради минатото на Вучиќ. Претседателот знае дека неговата прокламирана цел за влез на Србија во ЕУ не може да се достигне додека е отворено косовското прашање. Но, дијалогот на Белград и Приштина кој од 2011 го модерира Брисел, напредува бавно. По новиот предлог на Вучиќ некои дури го слават и како српски Вили Брант - иако не кажа конкретно како би требало да изгледа решението“, наведува Зиддојче цајтунг.

Конкретните предлози, Вучиќ им ги препушти на своите „кметови“, како шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ. „Во одредено временско растојание по текстот на својот шеф, тој во средината на август претстави план за поделба на Косово. Според него, северот кој го населуваат Срби треба да биде одвоен, а Србите кои живеат во остатокот од Косово треба да добијат широка автономија“.

„Предлогот не е нов, но е дијаметрално спротивен на претставите на меѓународната заедница која од почетокот на балканските војни во 1990-те ја прогласи непроменливоста на границите за главен принцип. Поделбата на Косово би разбудила други апетити. За Србија тоа би можела да биде само предигра на барањата за спојување со босанските Срби и со тоа разбивање на БиХ. Освен тоа, повторно би биле засилени големоалбанските амбиции чии последици би се почувствувале и во Македонија, каде една четвртина од населението го сочинуваат етнички Албанци“, пишува „Зиддојче цајтунг“.