Политички пораки под закрила на црковната мантија
14 февруари 2022Традиционалното закројување на лозниците во Кавадарци по повод празникот Свети Трифун - денот на лозарите помина во сенка на незадоволството и реакциите предизвикани од говорот на владиката Агатангел, кој излезе од рамките на своите верски надлежности и ја искористи манифестацијата за да испрати политички пораки. Владиката Агатангел пред кавадарчани, како и пред лидерот на опозицијата, којшто присуствуваше на закројувањето на лозјата, рече дека ВМРО-ДПМНЕ е најголемата и најсветата партија во државата и оти верува дека Господ и Богородица ќе му помогнат на Христијан Мицкоски да го врати сето македонско и национално. Но, ваквиот партиски говор предивика реакција на владиниот претставник, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски кој го нарече владиката Агатангел „штетник и срам за Црквата“.
Што порача Агатангел?
Владината Агатангел, во својот говор, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го нарече „нашиот претседател“ за кого рече дека верува оти со помош од Бога и Богородица ќе го врати назад она што е свето македонско и национално.
„Ние Македонците сме емоционални луѓе, ние Македонците сме патриоти, ние си го сакаме својот македонски јазик и држава, својата македонска нација и сето она што е свето и македонско, бидејќи тоа го примивме од нашиот свет апостол Павле кој шеташе и чекореше по оваа света македонска земја. И затоа примајќи ги овие свети молитви од овие наши дедовци и прадедовци, длабоко од душата и срцето верувам дека нашиот претседател на најголемата и најсвета партија ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицкоски, се ова што го дадовме, верувам дека ќе го вратиме назад. Првин со него, а потоа и со божја помош“, рече Агатангел.
Тој вели дека верува оти „Бог и мајката Божја Богородица, која е заштитничка на оваа света македонска земја, ќе му помогне него и на сите негови соработници на се она што е свето македонско, национално, да го врати назад и нема да дозволи некој кој не ја чувствува Македонија национално да ја одредува судбината на нашата света земја“.
Срам за мантијата и за црквата
На неговиот говор реагираше министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, кој присуствуваше на настанот како претставник на Владата. Милевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ направила партиска прослава, а Агатангел ја „извалкал мантијата“ и е срам за црквата и народот.
„Сакам да реагирам на политичките изјави кои ги слушнавме од владиката Агатангел. Мислам дека е срам за мантијата што ја носи и повеќе ѝ прави срам на црквата, отколку што тој самиот си прави срам за себе. Да беше свесен за што зборува, тој немаше тоа да го каже. Како што црвите и мувите се штетници за лозарите, така господинот Агатангел, ако можам да го наречам господин, е штетник за црквата, народот и граѓаните“, вели Милевски.
Тој додава дека црквата треба да се свести кој во нејзините редови се владици и кој пуштаат на вакви настани, напаѓаат голем дел од македонското христијанско население и го величат лидерот на опозицијата. Тоа најмалку му носи поени на лидерот на опозицијата.
„Кога стигнал лик како Агатангел да го фали, нека му служи на чест“, рече министерот Милевски.
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, говорот на Агатангел го доживува во насока на обединување околу македонските национални интереси. „Не сметам дека говорот беше потпалувачки, мислам дека е достоинствен затоа што ги рефлектира националните интереси и повикува на обединување отколку националните интереси“, вели првиот човек на опозицијата.
Од црковни во политички води
Ова не е прв случај владиката Агатангел да се впушти од црковните во политички води, со своите изјави и постапки кои предизвикуваа реакции во јавноста.
Во 2020 година, владиката среде ковид пандемија даде наредба свештениците качени на камион да ги прскаат улиците со света вода против коронавирусот.
Во септември 2018 година, пак, една недела пред денот на одржување на референдумот, Митрополитот Повардарски Агатангел „ги покани верните чеда на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на света архиерејска литургија“ на која сите заеднички ќе се помолат за зачувување на името, идентитетот и јазикот.
Владиката Агатангел во повеќе наврати ја користи Црквата за да промовира политички ставови, по што во јавноста го заработи и епитетот „партиски владика“. Тој отворено ги поддржуваше и благословуваше протестите кои на крајот кулминираа со насилство на 27 април 2017 година, а мандатот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов го прогласи за Божјо дело.