1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска: Јарослав Качински овојпат претера

Магдалена Гвожџ-Палокат
14 август 2021

Нападот врз независноста на приватната станица ТВН е само еден чекор на патот кон еродирање на демократијата во Полска. Но, тоа беше и чекор премногу, смета Магдалена Гвожџ-Палокат.

https://p.dw.com/p/3ywgZ
Polen I Demonstration gegen neues Rundfunkgesetz
Фотографија: STR/NurPhoto/imago images

Со месеции слушам од оние кои се на власт колку слободи има во мојата земја, колку печатот е плуралистички и независен и дека контроверзната реформа на правосудството нема да предизвика ништо повеќе од она што веќе одамна постои во други земји, на пример во Германија. Значи, оној кој ги следи државните медиуми, може да се смири и да здивне: сѐ е во ред, земјата напредува.

А ние, странските медиуми? Ние апсолутно немаме поим а имаме лоши намери. Првенствено: Германците.

Прашања кои многу откриваат

Колку често во последно време моите бивши колеги (со години работев за јавната телевизија ТВП) ме прашуваат како можам да работам за германски медиуми! И дали Ангела Меркел ми кажува што да пишувам. За жал, никогаш во животот не сум разговарала со канцеларката. За многу Полјаци „германско“ е синоним за „страшно“. Но, тие прашања од бившите колеги всушност откриваат повеќе за нивната работна етика отколку за онаа на која се обидувам да ѝ останам верна.

Пред четири години, кога Доналд Трамп ја посети Варшава, бев вербално и речиси и физички нападната додека известував со микрофонот на Дојче веле во раката. Ми префрлаа дека само лажеме. И тоа веднаш нѐ води до Американците: сопственикот на најголемата приватна телевизија во Полска, ТВН е американската група Дискавери. Сѐуште.

Magdalena Gwozdz-Pallokat
Магдалена Гвожџ-Палокат, автор на коментаротФотографија: Mariusz Smolewski

Гледачите на информативниот канал ТВН24, кој припаѓа на ТВН, не се оптимистични во поглед на иднината. Од една страна, зашто таму за владата се известува и критички, а од друга страна, зашто станицата наскоро веќе нема да постои во сегашната форма и со овој сопственик.

Калкулирана коалициона криза

Пред еднаипол година ТВН поднесе барање за продолжување на дозволата за емитување на програмата. Но, дозволата не е издадена, а старата истекува следниот месец. А со законот кој сега е усвоен, Дискавери како медиум со американски сопственик нема да може да работи во Полска. Сенатот, како втор дом на Парламентот уште може да ја одбие одлуката, но го нема последниот збор.

-повеќе: 

Загрозено владеењето на правото во ЕУ

Полска: Калкулацијата на Качински успеа

ЕУ и владеење на правото - доцно будење

Лидерот на партијата ПиС, Јарослав Качински, точно знаеше што прави кога пред гласањето во Сејмот дозволи разрешување на член на владата кој не сакаше да го поддржи законот. И: на Качински исто така мора да му беше јасно дека воопшто не му се потребни гласовите на коалициониот партнер, партијата „Разбирање“ при гласањето за новиот закон за медиуми, дека тој ќе помине и без нив.

Другите или ги убеди или можеби дури и ги „купи“. Политика како на пазар. Само што не станува збор за јаболка и круши, туку за основно право – пристап до информации.

Во денешна Полска релативно голем број медиуми припаѓа на странски компании, што од перспектива на Јарослав Качински е неприфатлива ситуација. Шефот на владејачката партија ПиС бара полските медиуми да мора да бидат „полски“. За продажбата во минатиот декември на група регионални весници, која ја водеа Германци, на државната нафтена компанија ПЛН Орле, на чие чело е негов човек, Качински рече: „Одамна не сум чул толку добра вест“.

Напад врз односите со САД

Тешко е да се замисли дека по оваа одлука на Сејмот, работите во Полска за ПиС можат да се подобрат.

Затоа што таков директен напад врз одреден медиум, а со тоа и врз слободата на печатот, но истовремено и на блиските економски и политички односи со САД, сепак е премногу.

Одамна се оди во тој правец и целата работа се заканува да пукне. Можеби токму сега: неуспехот со одлагање на седницата кој ПиС со ризичниот маневар со второ гласање во Парламентот го претвори во сомнителна победа, ги покажува границите до кои сега стигнува системот на Качински.

Демократиите можат брзо да умрат при државен удар или да умираат полека кога, како во Полска, чекор по чекор се исмеваат нејзините темели и конролните тела, се поткопуваат и елеминираат. Но кога веќе нема да има слободни медиуми, демократијата ќе стигне на својот крај. Тогаш веќе нема слободен избор, дури ни таков кое копче да се стисне на далечинскиот управувач.