Попатни дилеми
18 април 2018Како што очекувавме, Македонија доби безусловна препорака за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ. Со извештајот за напредокот на земјите од Западен Балкан, како да имаме јасна валоризација на нашата европска перспектива. Високите претставници дојдоа, се сликаа, нѐ потчукнаа по рамо, ни честитаа, ни предадоа нови задолженија, и така и ќе си заминат. Нас ќе ни остане препораката, неизвесноста од датумот за почеток на преговорите и по малку горчлив вкус во устата од предизвиците по неа.
Неколку дилеми се пред нас, онака попатно, додека „грабиме“ со „кенгурски скокови“ кон ЕУ. Што значи самата препорака за Македонија во оваа фаза, што е секако врзано за начинот на кој сме ја добиле. Потоа, дали таквата реституција на нормалниот пат кон ЕУ автоматски значи и почеток на преговорите, имајќи го предвид и домашниот, но и регионалниот политички контекст. На крајот, дали без конечно решение со Грција имаме шанси за почеток на преговори со ЕУ, и дали тој процес ќе оди независно, или паралелно со членството во НАТО?
Нашата победа
Да бидеме начисто: безусловната препорака не е некој огромен дострел, ниту пак означува монументален пробив во нашите евроатлантски интеграции. Препораката која денес ја славиме како исклучителен чекор кон ЕУ, во основа не е ништо друго освен реституција на нормалноста, враќање на европскиот статус кој Македонија неспорно го имаше уште пред повеќе од 10 години. Оттаму, не треба да ја славиме како пробив – пробивот допрва следува, ако сме кадарни да го сработиме. Во основа, ние ја добиваме препораката за почеток на преговори како валоризација на промената на политичката клима и вредности, а не како некој особен успех постигнат со некакви реформски супер-подвизи. Се разбира, имаме и ние по некој план, нешто плеткаме со рокови и документи, но нашиот базичен, и единствено значаен успех, се состои во драматичната промена на општиот политички курс, кој сега покажува кон ЕУ, а не обратно, и се разбира, во промената на односот кон прашањето со името и надворешната политика на отвореност и европски вредности. Тука сме направиле вистински чекор, тоа е нашата победа, другото е само фолклор. Оттаму, наградата од ЕУ се состои во ништо повеќе одошто легитимирање на нашата посветеност и промената на имиџот во надворешната политика, а вистинските предизвици допрва следуваат.
Борбата допрва претстои
Првиот голем предизвик за нас е дали препораката ќе резултира со датум за почеток на преговорите. Јункер вели: не очекувајте датум набрзо, а и преговорите ќе траат долго. Оваа констатација, заедно со општиот тон на новата стратегија за проширување, како и јасната констатација дека земјите од регионот, па со тоа и Македонија, не се подготвени за ЕУ, претставуваат јасна индикација за тоа каков период нѐ очекува. Со препораката, влегуваме во рингот, но борбата допрва следува. Лично мислам дека е поверојатно дека сепак ќе добиеме датум за почеток на преговори во текот на оваа година, но тоа е условено од неколку чинители. Прво, новата стратегија за проширување на ЕУ јасно имплицира дека се потребни суштински реформи, но дека и политичките критериуми ќе бидат важни, нешто што како пристап заврши со последниот турнус проширување. Промената се состои во тоа што сега Европската Унија ги вреднува политичките критериуми повеќе одошто во последниот турнус, што е добро за нас. Сознанието кое Јункер го цитира е дека ЕУ има малку алатки за влијание пред почетокот на преговорите, никакви алатки по членството, а најсилни алатки токму во текот на преговорите. Ова е индикација за пристапот кој ЕУ најверојатно ќе го следи: почетокот на преговорите ќе се случува побрзо, но самите преговори ќе траат, и ќе бидат вистинскиот филтер и „политичко чистилиште“ за земјите, токму во онаа фаза во која ЕУ има најголеми можности за директно влијание врз домашните реформски процеси. Оттаму, поверојатно е дека ќе добиеме датум, па дури и ако е тоа само заради стабилизацијата на сегашниот курс, и засилување на влијанието и контролата врз домашната политичка агенда.
Полесното побрзо, потешкото подоцна
Втората причина за добивање датум, според мене, е напредокот во преговорите со Грција. Расчленувањето на процесот, што овозможува фазен пристап, најверојатно ќе ја следи логиката: полесните прашања и условениот напредок побрзо, потешките прашања и неповратните чекори подоцна. Ако е ова точно, тогаш досегашниот напредок, кој е неспорен, теоретски би требало да обезбеди некаква награда, а најлесната е датум за преговори, бидејќи таа не значи членство, не е обврзувачка, а може да трае неодредено, за разлика од членството во НАТО, кое е неповратно и еднократно. Оттаму, логично е поверојатно дека и без конечен договор за името би можеле да се надеваме на датум, базирано на досегашниот напредок. Предизвикот во оваа динамика - пост-извештај, а пред-датум - е да покажеме дека се движиме напред по сите основи, и во преговорите со Грција и во домашните реформи, и тоа со барем доволно темпо да обезбедат политички аргумент пред Советот на ЕУ кога ќе се одлучува за датумот за преговори. За тоа, мислам дека ќе биде неопходно некакво заокружување на оваа фаза од преговорите со Грција, со меѓудоговор, или некаква платформа, сеедно, но не многу повеќе од тоа. Доволно ќе биде да покажеме напредок, а истовремено да докажеме постојана посветеност. Што се однесува до реформите, тука мислам дека ќе следи потешкиот предизвик, како што ќе се кристализираат проблематичните точки, но мислам дека и за тоа ќе имаме патерици, и во смисла на техничка помош, и во смисла на прогледување низ прстите.
Оттаму конечната прогноза: датум за почеток на преговорите со ЕУ без конечно решение за името е поверојатен исход одошто членство во НАТО и конечно решение, барем во текот на 2018. Се разбира, добредојдени се позитивни изненадувања, но тие сценарија се надвор од сегашната динамика и се возможни само со надворешна интервенција. Со други зборови, додека не се случат малите чуда кои ги чекаме, попатните станици и дилеми ќе ги освојуваме една по една, и најверојатно само со сопствени сили.