Академикот, Магистерот и табуто за проголтаните проценти
28 јануари 2021Во период од неполни две недели, претседателите на Академиите во Србија и во Македонија се најдоа во центарот на вниманието поради нивните јавно изнесени ставови. Претседателот на САНУ, неурологот Владимир Костиќ се најде на тапет поради изјавата (дадена пред пет години) дека „Косово де факто и де јуре веќе не е во наши раце и тоа некој мора да му го каже на народот.” По бранот бурни и непријателски настроени рекации на српската јавност, збор побара и престедателот Александар Вучиќ со став дека „човекот покажа храброст со став кој не е мнозински. Ние не можеме да поднесеме да некој мисли поинаку.”
Неделава, претседателот на МАНУ Д-р Љупчо Коцарев изнесе редица интересни ставови во интервју дадено за провладини медиуми со осврти за тековните состојби во нашата земја. Со исклучок на неколку споредни осврти и критики, интервјуто на познатиот и признат прв Академец, помина со далеку помала нервоза во споредба со неговиот белградски колега. Не спорејќи ја неговата стручност како научник и претистижна должност на академски првенец, некои од изнесените ставови се сепак контроверзни и должни за повнимателен осврт. Во интервјуто- меѓудругото- академик Коцарев оценува дека „бродот наречен Македонија полека но сигурно тоне”, бивајќи "центар на регионалната дестабилизација” и однадвор „перципирана само како геополитичка лабораторија во која меѓународните поголеми ‘играчи’ тестираат свои ‘рецепти’ за стабилизација, соживот, и институционална трансформација”, накусо земја која „големите сили ја претвораат во поле на своевиден експеримент”.
Без оглед дали станува збор за тестирање рецепти или лабораториски експеримент, оценката на академик Коцарев е доволно јасна за да се согласам со него. Иако, убеден сум, тој тешко дека ќе се согласи со мојата согласност, или барем интерпретација на истата. Оценката за Македонија како „поле или субјект на експеримент” е веродостојна на реалноста единствено доколку се надополни дефиницијата со фактот кој недостасува во освртите на академикот. А тоа е дека станува збор за реверзибилен или рестауративен експеримент со кој се коригираат ефектите, последиците и маните на претходните експерименти, извршени одамна и од истите играчи, т.е. големите сили. Констатирањето на експрименталноста на или врз Македонија е целосна, научно прецизна и интелектуално искрена единствено доколку се земе во предвид првичната природна состојба на нештата како компаративен квалитет и граничник со сегашноста.
Гледано од таа точка, периодот на пост-Илинденството може да се дефинира како период на приближно територијално дефинирање на Македонија како база на лабораторијата со рудиментарни, брутални, крвави експерименти врз безгласни субјекти родени врз рушевините на империјата во изумирање. Екипирањето на лабораторијата во меѓународни рамки се врши во кусиот период на крајот и првите години на постоењето на Македонија како субјект во рамките на федерацијата. По кои, уште пред да застане на сопствени нозе, „големите сили ја претвораат во поле на своевиден експеримент” на штета на автентичната и автохтона волја на Македонците, Албанците и, да ги наречеме така, останатите. Во тоа име, и по диктат на федерално-регионалните носачи на интересите на „големите сили”, Македонија станува лабораторија во која се „тестираат ‘рецепти’ за стабилизација, соживот, и институционална трансформација” согласно комунистичкиот експеримент проткаен со империјални интереси на Белград. Експеримент кој траеше, најпрецизно можно кажано, до раното попладне на 5 јули 1993 година кога на скопскиот аеродром ќе се истоварат првите 26 војници на американската Армија од 502-та пешадиска бригада, како испомош на веќе присутните 700 сили од Скандинавија. Тоа е позитивното читање на историјата. Негативното читање на истата исто така има прецизен датум: неколку дена подоцна, провокациите на српските сили на Чупино Брдо одеднаш прекинаа, а со тоа и петдеценискиот северен експеримент вршен врз Македонија.
Други колумни од Арсим Зеколи:
-Владеење на правото за владеење
-Десницата и одмаздата на „петкашите”
Она што следеше во следните три децении, беа обидите за расчистување со подземните вулкани, подводни рушевини и здивеени струења која ја спречуваа земјата да заплови кон пошироки мориња. Процес кој е во завршна фаза на средување детали и финеси. Затоа, ставот за Македонија како „брод кој тоне” би бил сфатен единствено како легитимно лично, па и академско-интелектуално право за давање оценка. Доколку истиот не беше даден во опширно интервју за провладините медиуми блиски до премиерот и на неполна година од пристапувањето на бродот Македонија во пристаништето на НАТО. Притоа, во ист ден кога истите медиуми отстапуваат место за исповеди на воени лица, оценети како некомпатибилни со стандардите на Алијансата. Малку премногу совпаѓања, во кои, би сакал да верувам, академикот Коцарев се има најдено без намера и без повод. Што не сум убеден дека може да се каже и за другите.
Македонија, ќе повторам, навистина минува низ ескперимент. Кој во меѓународната терминологија се нарекува експеримент на ресторативна правда со која се санираат грешките на минатите експерименти, се лечат заморчињата и се елиминираат последиците и синдромите кои го оптоваруваат лечењето, рехабилитација и рековалесценција на пациентот. Процес кој е лековито болно драматичен за пациентот, но агонично трауматичен за врачовите и надри-лекарите наследени од претходните експерименти, повеќе преплашени за сопствената судбина, отколку за доброто на ионака измрцварениот пациент. По таа аналогија, бродот Македонија не тоне, туку само се менуваат кормиларите, поставата, курсот и знамето под кое плови. За некои тоа е можеби проклетство, но за граѓаните ...
За доброто на граѓаните загрижено повторно се јави екс-премиерот Никола Груевски, магистер магистриран пред мудрите глави на МАНУ, привремено заштитен како „биљбил во златен кафез” во Будимпешта. Со надеж дека јавноста го има подзаборавено никогаш прифатениот предизвик на Каракачанов за соочување на аргументите околу спорот со Бугарија, Груевски се јави со алармантни сознанија околу претстојниот попис. Станувајќи дел од тековното кванташко наддавање околу процентите во распон од „над 35%” до "под 15%”. Искрено, желбата за држење на страна од таквите наддавања стануваше тешка и обременувачка со секој ден, за да на крај Магистерот ја прелие чашата на трпение и предизвика нужност за одговор, соодветен на неговата улога.
Да не должам. Во лично име кажано, согласен сум да прифатам дека во Македонија со се Арачиново плус бурекџијата од Струмица живеат сѐ на сѐ 5,3% етнички Албанци. Под услов Магистерот да се осврне кон некои други прашања кои го засегаат и него лично и неговата партија. Имено, во домашната меморија, сезоната на контроверзи околу пописот беше отворена со изјавата на Димитар Апасиев дека „нови 70.000 Косовари ќе станат државјани на Македонија”, дадена на 15 декември 2020г. Но она што претходеше на таа „информација”, беше веста за дебатата од бугарското собрание дека, цитирам,„заклучно со 22 октомври годинава, речиси 78 илјади македонски државјани побарале да добијат бугарски пасош врз основа на своето бугарско потекло”. Од нив, 66.000 добиле државјанство (11 декември 2020). Без навлегување во каузалитетните спонтаности на таквото совпаѓање, се наметнува прашањето до екс-премиерот – дали чувствува било каква одговорност за губењето на барем 5% од етничкиот субстрат на својот народ во периодот на неговото владеење? Притоа, да укажам дека станува збор за „државјани”, т.е. индивидуи, единки, кои сепак имаат семејства, поради што и бројката е дискутабилна, во негативна смисла. За на крај да стигнеме до клучното прашање кое директно ја засега партијата на екс- премиерот: дали со сопствените ставови околу пописот токму таа партија има создадено простор за компромитација на резултатите?
Во домашната јавност долго се провлекуваше „брилијантната” аргументација на домашните новинарски бардови и ведети на опортунизмот според кои „прифаќањето на бугарското државјанство е само социјално прашање”. Но, каков ќе биде одговорот доколку овие „социјалци” сепак етнички се произнесат согласно државјанството? На кое место ќе бидат сместени во уставниот распоред на „Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци итн.”? И побитното, што доколку сепак останат доследни кон чувствата и се запишат како Македонци? И со тоа го дадат аргументот со кој Софија може да укаже на неточноста на податоците од пописот кои не се совпаѓаат со нивните факти. Претставени во парламентот на, ете така случајно, неполни четири месеци пред одржувањето на статистичката операција кај нас.
Без зла намера и порив за потсмев кон академик Коцарев, тековниот експеримент на ресторативна правда е наменет за бенефит на Македонците, но не и за нивните наследени политички, академски, медиумски елити. Со помалку почит кон екс- премиерот, неговата изјава е ништо повеќе од потсетник за ефектот на плановите меѓу глувците и луѓето, за доцно стекнатата памет и последиците од подземните политики базирани врз фантазмагорични замисли. Таму некаде во мизансценот на дебатите за процентите и бројот на Албанците се ишка мувата од капата врз неговата глава и партијата за опасноста да бројот на Македонци ја обесмисли нарацијата за нивните идни борби и се подалечни победи во име на македонското - национално или етничко - единство. Додека пак за сегашната власт, македонска и албанска, желбата за уште едно префрлање од еден на друг брод, замислата да од југословенски децениски инстигатори на бугарофобијата станат инстант пропоненти на бугарофилијата и европејштината под услов да уште деценија-две останат на власт, е очигледно провидно прочитана и отфрлена. Новите времиња, новите околности налагаат потреба за нови луѓе со граѓански интегритет за реставрација на државниот суверенитет.