Поранешниот шеф на Фолксваген обвинет во САД
4 мај 2018САД го стегаат обрачот во дизел-скандалот со германскиот автопроизводител Фолксваген. Министерството за правда ја прошири истрагата и меѓу обвинетите се најде и поранешниот шеф на концернот, Мартин Винтеркорн. Тој се товари за наводно соучество во скандалот со издувните гасови, односно измама и заговор за прекршување на еколошките закони, како и лажење на властите.
„Оној кој се обидува да ги измами САД, ќе плати висока цена“, изјави американскиот министер за правда, Џеф Сешнс. Надлежниот обвинител Метју Шнајдер, пак, рече дека е застрашувачки фактот што криминални кривични дела веројатно добивале „амин“ од највисоките нивоа во раководството на Фолксваген.
Повеќе:Забрана за дизел-возилата во Германија?
Американската истрага смета дека Винтеркорн во мај 2014 година и во јули 2015 година бил информиран за манипулациите со издувните гасови. Потоа, тој заедно со други раквоодители во концернот, донесол одлука за продолжување на илегалните практики.
Винтеркорн е деветти поранешен или актуелен вработен во Фолксваген против кого американските власти покренуваат обвинение во дизел-скандалот.
Од германски правосудни извори се вели дека на Винтеркорн, кој веројатно е во Германија, засега не му се заканува испорака во САД. Доколку биде осуден за делата за коишто се товари, екс-шефот на Фолксваген би се соочил со затворска казна до 25 години и парична казна до 275.000 долари.
Топ-менаџерот Винтеркорн се повлече од раководната позиција во септември 2015 година, непосредно по избивањето на скандалот. Фолксваген успевал да ги испочитува пропишаните гранични вредности за издувни гасови само со помош на софтвер за манипуалција. И покрај тоа што поднесе оставка, Винтеркорн трвдеше дека не постапувал погрешно. Фолксваген соопшти дека ќе соработува целосно со американските власти за расчистување на скандалот, од кој беа погодени околу 600.000 возила во САД, односно 11 милиони возила ширум светот.