310809 Landtagswahlen Linke
2 септември 2009Она што во останатите земји од поранешниот Источен блок е нормално, имено да имаат влади раководени од наследници на поранешните комунистички партии, во Германија не е случај поради историски причини. Во Германија комунистите беа оние кои, со право или не, беа обвинети за поделбата на земјата. Но, и покрај ова, тие уште во деведесеттите години, значи по повторното обединување, беа мошне успешни и имаа политичко влијание на Истокот, односно на подрачјето на поранешната Демократска Република Германија.
Во Саксонија Анхалт, Партијата на левицата ја толерираше малцинската социјал-демократска влада, во Мекленбург Предна Померанија двете партии дури формираа коалициона влада на покраинско ниво. И во Берлин, каде до 1989 година стоеше Берлинскиот ѕид, во 2001 година имаше црвено-црвена коалиција на покраинско ниво. Она што досега се` уште немало е премиер на покраина од редовите на левицата. Но, ова не е толку нереално во Тирингија, каде овој пат Партијата на левицата освои 27 проценти од гласовите, со што е значително во предност пред социјалдемократите, кои освоија осумнаесет проценти. Лидерот на СПД, Франц Минтеферинг, останува на својот став:
„Нема никогаш да одбереме покраински премиер од редовите на левицата.“
Социјалдемократите, сеедно дали во Западна или Источна Германија, и натаму се сметаат за вистинската левица, во извесна смисла, како „оригинална левица“. Историски погледнато, тоа е точно. Во секој случај, кон крајот на деведесеттите години голем број поранешни социјалдемократи им се приклучија на поранешните комунисти, бидејќи ја сметаа економската и социјална политика на СПД за премногу либерално-капиталистичка.
Нема потреба од агресивна кампања против левицата
Со успесите на Партијата на левицата мораа да се соочаат и конзервативните партии во земјата. Германската канцеларка и лидер на Христијанско-демократската унија, Ангела Меркел, и самата потекнува од Источна Германија. Таа сепак не смета дека е потребно да се води агресивна изборна кампања против Партијата на левицата, како што тоа порано често го правеше нејзината партија:
„Не сакам да размислувам во категории на политички табори, туку сакам да му се обратам на секој од избирачите и да ја придобијам нивната доверба. И затоа нема да бидам поагресивна во кампањата, туку ќе аргументирам. Немам впечаток дека силината, со која нешто се кажува има директен ефект врз ставовите на избирачите.“
Канцеларката Меркел смета дека на парламентарните избори на сојузно ниво, закажани за 27 септември, конзервативните (ЦДУ) и либералите (ФДП) ќе бидат оние што ќе обезбедат мнозинство и мандат за состав на нова влада. Лидерот на либералите, Гидо Вестервеле, пак, проценува дека би можело да дојде до црвено-црвена коалиција, значи на СПД со Партијата на левицата, со учество и на Зелените - во случај тоа да го овозможат изборните резултати:
„Можеби по едногодишен преоден период, во кој би владеела повторно голема коалиција. Потоа е можно да дојде до формирање на црвено-црвено-зелена влада.“
За се` е виновен Лафонтен
Ваква партиска коалиција не доаѓа предвид непосредно по изборите за Бундестагот. Ова се должи пред се’ на непремостливите програмски разлики меѓу Социјалдемократската и Партијата на левицата во социјалната, безбедносната и надворешната политика, но исто така и на Оскар Лафонтен. Поранешниот претседател на СПД пред неколку години премина во Партијата левицата, со што ја направи поприфатлива за избирачите и во Западна Германија. Во неговата родна покраина, Сарланд, на изборите во неделата, левицата освои дури 21 процент од гласовите. Лафонтен е главната причина поради која социјалдемократите одбиваат коалиција со Партијата на левицата на сојузно ниво. Тој ја предаде својата поранешна партија, обвинува актуелниот лидер на СПД, Франц Минтеферинг.
„Тој е нечесн играч и човек што сака да и` наштети на СПД. Ова мора секогаш да се има предвид. Но, и ова време ќе помине, иако не можеме да кажеме кога. Во секој случај, до 2013 година не може да се очекува ништо меѓу СПД и Партијата на левицата на сојузно ниво“, вели Минтеферинг.
Најдоцна на следните избори по четири години барем личните непријателства нема да играат голема улога. Лафонтен е веќе кон средината на шеесеттите години, а Минтеферинг има скоро седумдесет. Антипатиите меѓу социјалдемократите и левицата, настрана од политичките погледи, се делумно и генерациски проблем.
Автор: Марсел Фирстенау / Трајче Тосев
Редактор: Жана Ацеска