Последната аудиенција на папата Бенедикт Шеснаесетти
27 февруари 2013„Драги браќа и сесетри“, овие зборови папата Бенедикт Шеснаесетти денеска (27.02) ги употреби за последен пат, кога на плоштадот Свети Петар официјално се прости од верниците во целиот свет. За последната генерална аудиенција на папата во Рим пристигнаа илјадници верници. Ватикан зборува за 150.000 присутни, додека полцијата излезе со бројка од 100.000.
Меѓу присутните имаше многумина од Германија, како Манфред Брунер од Минхен: „Дојдов овде, оти сакав да бидам еден од оние, кои уште еднаш можат да го поздрават папата на оваа функција и на овој начин да му ја изразат својата симпатија кон него“.
Личен поздрав на папата на крајот на аудиенцијата немаше. „На крајот на аудиенцијата нема да ја има вообичаената редица на сите оние, кои сакаат да го поздрават папата или да го бакнат неговиот прстен, поради тоа што сите ќе сакаат да го направат тоа“, рече претходно портпаролот на Ватикан, Федерико Ломбарди.
Наместо тоа, Бенедикт Шеснаесетти на почетокот на аудиенцијата со отворен џип мина покрај верниците и тоа подолго од вообичаеното. По аудиенцијата ќе има и кратка приватна посета од повеќе политичари, на која од папата ќе се збогува и премиерот на Баварија Хорст Зехофер.
Германската црква на генералната аудиенција ќе ја претставува надбискупот Роберт Цолич, претседател на Бискупската конференција. „Овој ден се разбира не‘ исполнува со тага, оти збогување секогаш значи тага. Речиси осум години живеевме со папа кој доаѓа од Германија. Според мое мислење, од Светата столица заминува еден од најголемите теолози.“