1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилност

Последната Опел Астра од Полска

Џо Харпер
30 ноември 2021

Денеска од производствената линија во фабриката на Опел во Гливице, Полска, ќе излезе последниот модел Астра. Дали планираното производство на комбиња може да ја пололни празнината?

https://p.dw.com/p/43egv
Фабриката на Опел Полска во градот Гливице од утре престанува со работа
Фабриката на Опел Полска во градот Гливице од утре престанува со работаФотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/picture alliance

Гливице, град со 177.000 жители во покраината Долна Шлезија, има долга производствена историја. Но, одлуката на Џенерал Моторс (ГМ) да започне со производство на автомобили таму во 1998 година, се сметаше за вистинско постигнување и чест. Сега, кога поранешната подружница на ГМ, Опел, го префрла производството од Гливице, некои стравуваат дека локалната економија може да биде погодена.

„Многу е веројатно дека вработеноста ќе остане иста и локалната економија нема да биде непотребно погодена, но тоа зависи од вистинската имплементација на новата фабрика за производство на комби Опел во Гливице“, изјави за ДВ, Дорис Ханцл-Вајс, економист во Виенскиот институт за меѓународни економски студии (ВИИВ).

Одлуката да се прекине производството на моделот Астра во Гливице по 23 години беше донесена во 2019 година, a производството веројатно ќе биде префрлено во Германија.

„Одлуката се чини дека е дел од реорганизација на целокупната групација, не е дел од поширок тренд и не е толку поврзана со фабриката во Полска“, вели Ханцл-Вајс.

Моделот Опел Астра се произведуваше во Гливице цели 23 години
Моделот Опел Астра се произведуваше во Гливице цели 23 годиниФотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/picture alliance

Големи почетоци

Договорот за изградба на идната фабрика беше финализиран во мај 1996 година и Гливице брзо стана производствен центар на Опел Астра во Европа.

Првиот автомобил излезе од фабричката порта на 31 август 1998 година: Фабриката исто така произведуваше модели како што се Агила, Зафира и кабриолетот Каскада, базиран на петтата генерација на Астра.

Производството на најновиот модел на Астра започна во 2015 година, а во 2016 година беа произведени 201.000 возила. Оттогаш, секоја година се произведуваат сѐ помалку и помалку.

Комбиња како спас

Но, не е сè загубено. Концернот Стелантис, кому сега му припаѓа Опел, има намера од април 2022 година да започне масовно производство на комбиња за испорака во производствен погон веднаш до фабриката за склопување на Астра.

„Фазата на производство на патнички автомобили на локацијата на Стелантис во Гливице полека завршува за да се овозможи отворање на сосема нова - производство на големи комбиња“, изјави Анджеј Корпак, претседател на Опел Полска.

Опел Мовано, Пежо Бокстер, Фиат Дукато и Цитроен Џампер ќе излегуваат од производната лента - во различни должини и висини. Фабриката ќе произведува и електрични комбиња - 70% од комбињата за испорака се планира да бидат електрични до 2025 година.

Како да се заработат пари со e-автомобил?

Првично, производството ќе се одвива само во една смена, зголемувајќи се на две во август и на три на крајот на октомври и ноември наредната година.

Фабриката на Стелантис во Вал ди Сангро, Италија, не можеше да ја задоволи побарувачката за Пежо Боксер, Цитроен Џампер и Фиат Дукато во последниве години. Овие модели, заедно со Опел Мовано, ќе се произведуваат во новата фабрика во Гливице.

На почетокот на наредната година, двете компании кои работат во Гливице - Опел Полска, производител на Опел Астра и ПЦА Полска, кои се подготвуваат за старт на производството на комбиња - треба да се спојат, за да се создаде Стелантис Гливице. Компанијата планира да вработи 2.500 луѓе, 500 повеќе од сегашните вработени  во Опел Полска и во ПЦА Полска заедно, изјави Корпак.

Автомобилите се посебно важни во Полска

Автомобилскиот сектор е вториот најважен индустриски сектор во Полска, со удел од 10,4% во БДП.

„Уделот на лесни комерцијални возила во автомобилското производство во Полска се зголемува“, вели за ДВ Лукаш Амброзиак, аналитичар во тимот за надворешна трговија во Полскиот економски институт (ПИЕ).

За време на членството на Полска во ЕУ од 2004 година наваму, Полска се специјализираше во три сегменти на автомобилската индустрија: производство на делови и компоненти, автобуси (особено електрични) и лесни комерцијални возила. Овие сегменти привлекоа најголем износ на странски директни инвестиции“, вели Амброзиак.

Фабриките за автомобили во Полска работат во рамките на меѓународните концерни, продолжува Амброзиак.

„Нивните одлуки произлегуваат од нивните деловни модели и оптимизацијата на трошоците. Почетокот на производството на комбиња во Гливице е во согласност со специјализацијата на Полска во автомобилската индустрија и ќе овозможи зголемување на трговскиот суфицит во овој сегмент“, вели тој, додавајќи дека фабрики за комбиња на Фолксваген веќе работат во Полска во Вржесна и Познањ.