Нема федерализација, туку конфискација!
11 август 2017Ќе се обистини ли изборното ветување на лидерот на СДСМ, кога одговорајќи на обвинувања од политичкиот опонент дека Тиранската платформа води кон федерализација на земјата, Заев децидно порача: Нема да има федерализација, туку конфискација!
„На Триумфалната капија ќе ставиме бројчаник и тој ќе врти за секој вратен денар, за секое евро, франц, долар, за сите украдени пари“, вети Заев.
На една од последните седници, два владини ресора биле задолжени да подготват стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот.
„Со оглед на тоа што оваа стратегија е дел од агендата на Планот 3-6-9, Владата ги задолжи министерствата за правда и за финансии (Управа за јавни приходи, Царинска управа, Управа за финансиска полиција; Управа за финансиско разузнавање), да достават номинации за членови на работна група за изготвување на стратегијата“, соопшти владината служба за информирање.
Засега нема детални информации за динамиката на изработка на оваа стратегија и нејзините оперативни аспекти. Според правни експерти, не е потребна стратегија, туку дејствување на институциите кои имаат обврска и надлежност во оваа сфера. Но, од МВР велат дека постои потреба од стратегија со акциски план за нејзино спроведување, бидејќи биле детектирани бројни слабости во водењето на финансиските истраги и конфискација на имотот.
Слаба практика
Судската практика досега не покажа многу резултати на тој план, а за состојбата сведочи и веб-страницата на Агенцијата за управување со конфискуван имот, каде последната „новост“ е од 23.02.2016 година. Агенцијата е основана со Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети, кој стапи во сила точно пред 9 години (12.08.2008), а до 2015 година претрпе осум измени и дополнувања. Во делот на конфискацијата, Агенцијата е задолжена да презема широк спектар мерки со кои треба да ја задржи вредноста на имотот преку забрана за негово отуѓување, преку негово поставување во соодветен магацински простор, продавање или раководење со замрзнатиот имот, а мерките зависат од природата на имотот (пари, акции, добра, возила, подвижен имот, компанија, недвижности). Еднодецениската практика во спроведување на законот, не даде многу резултати. Во последните три години бил конфискуван имот во 88 судски пресуди, главно за даночно затајување, но не и за кривични дела - трговија со луѓе, дрога и оружје, а бил продаден имот во вредност од 130.000 евра.
Повеќе резулати имало во првата петолетка од донесувањето на законот. Во септември 2010 година, тогашниот министер за правда Михајло Маневски, соопшти дека со правосилна пресуда државата конфискувала имот стекнат на нелегален начин во вредност од15 до 20 милиони евра. Станува збор за случаите „Миодраг Марковиќ“, „Живко Ефтимовски“, „Даравелски и Доцевски“, „Трговија со малолетно лице“ и „Славија“, каде била спроведена конфискација бидејќи лицата осудени за перење пари и злоупотреба на службена должност, не го вратиле нелегално стекнатиот имот.
„Се лажат оние кои мислат дека ако го префрлат имотот на трети лица, ќе се спасат од тоа имотот да не им биде одземен“, порача тогаш Маневски.
Две години подоцна, на 28.12. 2012 година, тогашниот портпарол на Владата, Александар Ѓорѓиев, соопшти дека десет стана со вкупна површина од 910 метри квадратни и деловен простор од 62 метри квадратни, лоцирани во Скопје, врз основа на судска пресуда ќе му се конфискуваат на Иснифарис Џемаили за случајот „Бачило“. Во пресудата било констатирано дека тој ја оштетил државата за 44 милиони денари, а пресметаната вредност на вкупниот имот кој ќе биде конфискуван апроксимативно изнесувал над 1 милион евра.
И ВМРО-ДПМНЕ беше за конфискација
Владата предводена од Зоран Заев денес би требало да има силен сојузник во ВМРО-ДПМНЕ по прашањето за конфискација на имот и имотна корист. Особено ако се имаат предвид заложбите на Михајло Маневски, министер за правда во владите на Груевски во два мандата, но и неговиот авторски труд „Конфискација на имот и имотна корист (судска практика 2007-2012)“.
По анализата на повеќе случаи, Маневски констатирал дека конфискацијата е најсилен правен аргумент во борбата против криминалот и корупцијата и најмногу ги погодува сторителите на кривични дела. Во истражуваниот период била спроведена 231 конфискација, а вредноста на одземениот имот била 60 милиони евра.
Во март 2013 година започна постапка за одземање на нелегално стекнатите имоти на осудените во случајот „Јака Табак“, во кој 14 лица ја оштетиле државата за2,5 милиони евра. Конфискуван имот, кеш и акции имаше и во случајот „Тутунски Комбинат - Прилеп“, во кој државата била оштетена за над 7 милиони евра. Во случајот „Пепел“, од осудениот Бајруш Сејдиу државата запленила 56 отсто акции, десетици илјади евра и поголем дел од недвижниот имот - бензински пумпи и ресторани. На листата на конфискуван имот беа и акции од фирмата „Југоопрема“, акции на осудените за приватизацијата на „Славија“, од охридски „Емо“, од кумановска „Бисерка“, а беше вратена и сопственоста на дел од капиталот во „Агроплод“. На листата на лица на кои им бил конфискуван имот се и осудените во случајот „Агент“, поранешниот градоначалник на скопската општина Карпош, Саша Димиќ и 35 лекари. Единствен активен политичар на кој досега му бил одземен имот е Љубе Бошкоски.
СЈО го чешла имотот на Грујевски и Бошковски
Според правните експерти, надлежните институции не би требало да имаат проблеми со спроведување на законот оваа сфера, со оглед дека досега се одржани и многу обуки и работилницата на тема конфискација на имот, во рамките на ИПА твининг проектот - Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата, финансиран од ЕУ. А првиот тест може да биде наскоро. СЈО пред десетина дена побарало информации од сите надлежни институции за имотната состојба на поранешниот началник на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски, и за неговиот колега, Никола Бошковски, кои две недели се во бегство откако им беше изречена мерка притвор за случајот „Таргет и тврдина“. Врз основа на очекуваните информации од УЈП, Катастар и банки, обвинителите ќе утврдуваат дали нивната и имотна состојба на нивните семејства пораснала откако тие стапиле на функција. Двајцата се обвинети дека направиле штета врз државниот буџет од 1,4 милиони евра уништувајќи системи за следење на комуникации во МВР. Врз основа на штетата СЈО може да побара замрзнување на имотот. Како што дознаваме, СЈО сѐ уште ги чека бараните информации.