1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црни денови за Турција

Далија Мортада/К. Краљевска31 јули 2015

Турскиот претседател Ердоган ја потресе домашната политичка јавност со одлуката да го запре мировниот процес со Курдите. Последиците од таа одлука би можеле да бидат сериозни

https://p.dw.com/p/1G7VB
Фотографија: Reuters/U. Bektas

По еднонеделното насилство меѓу Турција и Курдската работничка партија (ПКК), вклучувајќи и воздушни напади за време на викенд врз бастионот на ПКК во северен Ирак, изјавата на Ердоган не беше изненадувачка. Но, она што го изјави следно беше: тој побара да се укине имунитетот на курдските пратеници за да можат да бидат предмет на истрага за „врски со тероризам“.

„Ако претседателот Реџеп Таип Ердоган вели дека луѓето од ХДП (Курдската демократска партија) се терористи, тогаш и АКП (Партијата на правда и развој, која Ердоган ја предводеше), поради поддршката на Исламската држава се исто толку терористи“, вели 23-годишниот Бурак.

Младиот Курд појадува со неговите пријатели во кафулето каде што работат пред да почнат да доаѓаат муштериите. Кафулето е популарна станица за многумина во оваа раздвижена истанбулска населба. Црвените-портокаловите чаршафи на масите се украсени со геометриски облици популарни во југоисточниот курдски дел на Турција, а луѓето тука често доаѓаат да вкусат нешто поинакво: кремасто, со ореви, курдско кафе.
„Минатата недела изгубивме 30 млади лица во бомбашки напад што го дозволи оваа влада“, вели Мерт, потивкиот и попокорниот пријател на Бурак. Дваесет и две годишниот Мерт се потсетува на самоубиствениот напад минатиот понеделник во Суруч, јужна Турција, против група млади активисти кои тргнале во хуманитарна мисија во сирискиот курдски град, Кобане. „Полицијата го изврши нападот“, вели Мерт, пред да го прекине Бурак, „Не, тоа беше АКП, тоа беше владата“.

Еден и ист

За младите луѓе, „Исламската Држава“ (ИД) и владата се едно исто. Тие не се единствените кои веруваат дека ПКК, која долго време водеше вооружен борба за курдска автономија во Турција, но се согласи на прекин на огнот од 2013 година, уби двајца полицајци во знак на одмазда за нападот во Суруч.
„Со тој чин, ПКК на владата и даде оправдување за воената кампања против нив“, објаснува политикологот Мехмет Али Тугтан. „Тие не реагираат на катастрофата, туку профитираат од неа“, додава тој. Турција, исто така, започна воздушни напади против ИД минатата недела, за прв пат откако ИД зазема територии во Сирија и Ирак. „Владата е конзистентна велејќи, „Ние бевме нападнати од Исламската Држава и го возвративме ударот; бевме нападнати од ПКК и го возвративме ударот.“

Demonstration gegen AKP in Ankara
Протести против АКП во АнкараФотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

Ајуб Нури, уредник на веб-страна на курдските вести на англиски јазик „Rudaw.net“, се согласува. Проблемот, вели тој, е дека турската влада не прави разлика меѓу ПКК и курдското граѓанско општество: политичари, интелектуалци или новинари. „Тоа се случува веќе подолго - уште пред мировните преговори - курдските политичари, интелектуалци и новинари, беа гонети (за врски со тероризам) и завршуваа во затвор“, објаснува тој. „Од друга страна, курдските пратеници велат дека, „ПКК е вооружена група со седиште во планините, ние сме избрани од народот“, обидувајќи се да се дистанцираат од организацијата.“

Преземање на иницијативата
Во изјавите на Ердоган против курдските пратеници, многумина гледаат обид за враќање на мнозинството на АКП во Парламентот. Интернет страната, која ја уредува Нури, добива коментари од Курдите од целиот свет. „Би рекол дека 60 до 70 отсто од нашите читатели...мислат дека воздушните напади (и коментарите на Ердоган) се негов обид за одмазда за изборите во јуни“, вели Нури. Тоа беа први избори на кои АКП за прв пат не освои мнозинство откако влегоа во владата во 2002 година, а курдската ХДП влезе во Парламентот со 13 отсто од гласовите. По изјавите на Ердоган, потпретседателот на ХДП, Селахати Демиртас изјави: „Ние не извршивме непростливи злосторства. Нашето единствено злосторство беа добиените 13 отсто од гласовите.“

Парламентарните избори на 7 јуни беа историски: ниту една курдска партија никогаш не’ го надминала турскиот цензус од 10 отсто - највисок во светот - за влез во парламентпт. „ХДП одигра голема улога за губење на мнозинството на АКП“, објаснува Тугтан. Бидејќи ниту една партија не освои мнозинство, политичарите беа принудени да преговараат за коалициска влада. Крајниот рок за постигнување договор се наближува, ако не постигнат, Ердоган може да распише нови избори.

Опасност од граѓанска војна

Поради обвинувањата поврзани со тероризам, новите избори би можеле да дадат многу различни резултати. „Во тоа сценарио, ХДП може да биде доволно маргинализирана за да не може да влезе во парламентот“, вели политикологот. Стравот, вели Тугтан, е дека тоа може да предизвика ново насилство слично на она во 1990-тите години, кога ПКК се бореше за курдската независнот. „Уште еднаш имаме криза во период на политичка транзиција и без разлика што мислите за зрелоста на турската демократија, овој трансфер на власта ќе остане проблем.“

Türkei Proteste in Istanbul
Протести во Истанбул по нападот во СуручФотографија: Reuters/M. Sezer

Нури вели дека враќањето на тие денови е малку веројатно. „Многу мало мнозинство се залага за отворен револт против Турција и вооружен конфликт“, вели тој. „Мислам дека мнозинството сака мир“, вклучително и локалните политичари и раководството во полуавтономниот ирачки Курдистан.

Но, Мерт не е оптимист. „Ако ХДП не влезе во Парламентот (во случај на предвремени избори), навистина би можело да има граѓанска војна“, вели тој. Хасан, кој седи спроти него, се надоврзува, „Би можело да биде и полошо од 1990-тите години - сега е многу полошо“, вели тој, алудирајќи на ширењето на кризата во Сирија преку јужната граница со Турција.

Семејствата на Бурак, Мерт и Хасан мигрирале од курдскиот југоисточен дел на Турција во Истанбул пред повеќе од една деценија за да избегаат од нестабилноста и насилството. „Ако започне граѓанска војна, каде на друго место ќе одиме?“, се прашува Хасан.