1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пофалба за македонските работници, критики за јавната администрација

Костадин Делимитов10 април 2014

Германските компании гледаат со оптимизам на 2014. Задоволни се од деловната клима, но бараат подобрување на рамковните услови како клучни за развој на бизнисот.

https://p.dw.com/p/1BfvV
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Условите за бизнис во Македонија се подобруваат, а најголем дел од компаниите-членки на Македонско-германското стопанско здружение гледаат со оптимизам на претстојниот период. Резултатите од најновата анкета покажуваат позитивен тренд во делот на извозот, пазарот на труд, инвестициите. Фирмите се задоволни од квалификуваната и евтина работна сила, даночните услови, присуството на локалните добавувачи. Сепак, и покрај констатираните подобрувања, остануваат критиките во делот на платежната дициплина, правната сигурност, јавната администрација и транспарентноста на јавните набавки.

„Резултатите од оваа анкета укажуваат на една голема благодарност упатена до македонските работници. Се гледа дека работниците се оние коишто влијаат врз оценките во анкетата. Додека оценките околу состојбите со јавната администрација се полоши, послаби. Би било пожелно политиката, администрацијата да ги подобри условите за работење и наредната година таа да ја добие истата оценка како и даночната служба. Во најголем дел од земјите е обратно и даночните служби се оценети со најлоши оценки. Има мртва конкуренција помеѓу земјите за привлекување инвеститори. Македонија направи чекори за затворање на оваа дупка, но нема причина да легнеме на ловорики и да кажеме состојбата е супер, секогаш може да биде подобро. Капиталот е срамежлив како срна и при првиот шум знае да избега“, порача Михаел Дикамп, новоизбраниот претседател на Македонското-германско стопанско здружение.

Позитивно во анкетата е што само 24% од фирмите ја оцениле состојбата како лоша, што е подобро од ланските 42%. Од испитаните компании, 62 отсто очекуваат покачување на нивниот промет, а само 7 отсто негово намалвање. Зголемување на инвестициите очекуваат 43 отсто од испитаниците, а 32 отсто ќе вработат нови работници. Дури 85% од анкетираните повторно би инвестирале во Македонија, а во споредба со опкружувањето земјата има најдобра оценка во делот на условите за инвестиции.

Symbolbild Arbeitnehmerfreiheit Alternative
Фотографија: picture alliance/dpa

„Нам ни е драго дека задоволството е јавно изразено кај македонските субјекти и покрај тешкотиите, оти сепак земјата е рангирана како атрактивна за инвестиции во споредба со соседството. Скепсата која постоеше полека попушта. Фирмите гледаат кон иднината со малку полагодни мисли што значи дека иницијативите што ги презема Владата имаат влијание и покажуваат резултати. Тие и понатаму сакаат да инвестираат, вработуваат и очекуваат висок промет и добивка. Но потребно е понатамошно подобрување на рамковните услови кои се предуслов за нови, особено мали и средни германски фирми како инвеститори во Македонија. Повеќе големи германски фирми веќе се стационираа во Македонија и тие се добар пример за сите останати кои би сакале да дојдат на македонскиот пазар. Ние ги правиме сите напори за подобрување на состојбата и во иднина ќе бидеме сигурен партнер за промоција на Македонија во Германија како место за бизнис и унапредување на стопанските односи“, порача Дикамп.

Резултатите од анкетата за надлежните се охрабрувачки и потврда за тесните и добри економски релации со Германија како исклучително значајни за Македонија. Според вицегувернерот на Народната банка на РМ, Маја Кадиевска Војновиќ, позитивните резултати во анкетата се добар сигнал за актуелната состојба и перспективите на македонската економија.

Symbolbild Deutschland Maschinenbau
Фотографија: dapd

„Ова е согласно нашите оценки за економски раст за 2014 година од 3,7% и 4,4% за 2015. Впрочем и ММФ во најновата прогноза ја зголеми прогнозата за растот за годинава од 3 на 3,2%. Како Централна банка за нас е значајно да се зголемуваат потенцијалите за извоз, од причина што тоа носи повеќе девизни приливи и намалување на трговскиот дефицит. Во 2013 година бевме сведоци на стеснување на трговскиот дефицит и тоа за 190 милиони евра на годишно ниво. Ова во голем дел се должи на зголемениот производствен капацитет на економијата, односно привлекувањето на странски инвеститори, посебно во секторот на производство на разменливи добра, што дава ефекти. Ако се погледне анкетата може да се види дека позитивните оценки се заради неколку фактори - ниската цена на трудот, квалификуваната работна сила, даночните олеснувања, но и заради макроекономската стабилност, ниската инфлација, фиксниот девизен курс, стабилноста на курсот, ниските нивоа на дефицит и јавен долг. Во однос на констатираните забелешки околу платежната дисциплина, правната сигурноист, јавната администрација - има одреден прогрес во споредба со 2013 година, но за ова носителите на макроекономските услови треба да размислуваат да ги подобрат уште повеќе и овие локални услови, со цел уште повеќе да се подобри конкурентноста на македонската економија и да се привлечат повеќе странски инвестиции“, смета Кадиевска Војновиќ.

Германија е најголем трговски партнер на Македонија и една од ретките земји во светски рамки со која суфицитот е на македонска страна. Лани, трговската размена изнесувала 1,6 милијарди евра. Извозот е во континуиран пораст, а овој тренд се очекува да продолжи со оглед на постојните и најавените германски инвестиции во земјата и крупните инвестиции во патната и железничката инфраструктура. Македонско-германското стопанско здружение функционира 14 години и обединува 168 компании, што го прави најголемо билатерално здружение во земјата. Анкетата за конјуктурата во Македонија традиционално се објавува уште од 2007 година.