1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

По 14 недели, крај на вонредната состојба во Шпанија

ЖА / агенции
19 јуни 2020

Шпанија, една од најтешко погодените земји во Европа од коронавирусот, полека почнува да се враќа во нормала, по повеќе недели драстични ограничувања утре на полноќ завршува вонредната состојба.

https://p.dw.com/p/3e43r
Spanien | Lockdwon
Фотографија: Reuters/V. West

Во од пандемијата на коронавирус тешко погодената Шпанија утре ноќта, спроти недела, 21 јуни, завршува вонредната состојба, воведена на 14 март. 47 милиони Шпанци од в недела, првпат по 14 недели ќе можат без ограничувања да патуваат од една во друга провинција. Со преку 28.300 починати како последица на инфицирање со вирусот и преку 245.000 регистрирани заболени, Шпанија е една од земјите кои платија највисока цена во Европа во пандемијата. Во меѓувреме бројот на новозаболени бележи значителен пад. Од в недела во земјата повторно ќе можат да влегуваат патници од останатите држави од Шенген, а  од први јули и од останатите држави. Туристичката бранша на Шпанија, со уделот од преку 12 проценти во БДП, е енормно важна за земјата. Но, и по окончувањето на вонредната состојба  во т.н. нова нормалност, во јавниот живот на Шпанија ќе останат бројни рестрикции заради спречување ново избувнување на пандемијата. Слично како и во Германија, постојат и регионално условени разлики.

Најголем дел од училиштата во Шпанија остануваат затворени и ќе проработат повторно по продолжената летна пауза од крајот на јуни до почетокот на септември, кога ќе ги отворат вратите за физичко присуство на учениците. И професионалниот фудбал навивачите ќе можат да го следат само на домашните екрани, натпреварите од првата и втората лига се одржуваат без публика. 

Повеќе:

Првите „тест-летувалци“ од Германија пристигнаа на Мајорка

Коронавирус: Десетпати повеќе инфицирани во Шпанија?

Најстарата Шпанка посилна од коронавирусот - го победи на 113 години

Дискотеките смеат да отворат во одделни случаи, но просторот за танцување мора да биде блокиран. Во кафулињата и рестораните ограничувањата предвидуваат помал број места за гостите, а постепено ќе следат олабавувања на овие мерки. Слично важи и за кината, концертните сали и музеите.

Ширум земјата останува обврската за носење заштитна маска во сите јавни превозни средства, во авионите и во продавниците, генерално во сите затворени простории. На отворен простор маска е задолжителна доколку не е можно спроведување на правилото за физичка дистанца од два метри. Оној кој не ги почитува правилата, ризикува казна од 100 евра. Со оглед на новите избувнувања на коронавирус, на пример во Германија, шпанската влада ги предупредува сите граѓани да продолжат со претпазливо и разумно однесување. Живот каков што постоеше пред пандемијата на Ковид-19 ќе биде можен дури откако ќе биде пронајдена вакцина против коронавирусот, се истакнува во Мадрид.