1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прво свечености, па потоа кавги на ЕУ-самитот

Бернд Ригерт / Жана Ацеска26 јуни 2014

Самит на две локации: ЕУ во Ипер им оддава почит на жртвите од Првата светска војна. Вториот ден во Брисел, работниот дел, ќе биде во знакот на утврдувањето на персоналните решенија по европските избори.

https://p.dw.com/p/1CQIv
Фотографија: DW/B. Riegert

Првиот дел од ЕУ-самитот претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпој намерно го премести во Ипер, северниот дел од Белгија. 28 шефови на држави или влади денеска таму се потсетуваат на почетокот на Првата светска војна пред 10 години. Ипер од 1914 до 1918 година беше арена на војна меѓу германските напаѓачи и главно британските одбранбени војници.

Малиот град беше речиси целосно уништен и по војната повторно изграден. Во него денес се наоѓа музеј посветен на фландриските боишта, а исто така има и бројни воени гробишта. На поранешните боишта и ровови, кои можат делумно и денес да се посетат, загинаа околу половина милион војници. И 100 години по војната, стотици илјади, првенствено британски туристи, доаѓаат во Ипер за да им оддадат почит на своите роднини и сонародници. Во Ипер германската армија првпат во 1915 година употреби отровен гас. Во текот на војната потоа двете страни го употребуваа.

Gedenkbank am Menen-Tor in Ypern
Во Ипер на многу места се потсетува на битките од Првата светска војнаФотографија: DW/B. Riegert

Врвните функции во замена за поголеми долгови?

Вечер во Ипер шефовите на држави и влади, со оглед на близината на поранешните воени фронтови и гробишта, нема да спорат, туку ќе разговараат за задачите во идниот пет годишен мандат на новата Европска комисија. Во документот, кој го подготви Херман Ван Ромпој, се содржани познатите цели - справување со невработеноста, повеќе иновации и подобрена индустриска и енергетска политика. Ван Ромпој идиректно иницира и „поголема флексибилност“ во однос на европскиот Пакт за стабилност и развој.

Преведено со јасни зборови: држави кои имаат проблеми со парите, како Франција и Италија, треба да смеат да прават поголеми долгови, но правната основа на Пактот не треба да се менува. На тоа инстистира првенствено Германија.

„Убедени сме дека Пактот за стабилност значајно придонесе во надминувањето на евро-кризата и тој треба да остане во сила, не смее да биде менуван“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел една недела пред самитот. Социјалдемократските и социјалистичките шефови на држави или влади, пред се‘ францускиот претседател Франсоа Оланд и италијанскиот премиер Марио Ренци, како противотстапка за персоналните решенија побараа пофлексибилен Пакт за стабилност.

Камерон и натаму се противи

Спорните персонални решенија, според желбата на учесниците на ЕУ-самитот, ќе бидат отворени кога средбата ќе продолжи во Брисел. Тогаш ќе летаат искри, прогнозираат европски дипломати, зашто британскиот премиер Дејвид Камерон сака да изнуди јавно гласање за изборот на претседател на Европската комисија. Тоа во кругот на европското раководство е новина. Камерон не го прифаќа победникот на европските избори - конзервативецот Жан Клод Јункер, како нов шеф на Европската комисија. Врвниот кандидат на најсилната пратеничка група во Европскиот парламент нема автоматски право на врвната функција во ЕУ, аргументира Камерон веќе со недели.

„Ние, демократски избраните раководители во Европа, треба да бидеме тие кои ќе ги изберат луѓето кои ќе ги водат институциите, наместо да прифатиме нова постапка, каква што досега никогаш не била договорена“, вели Камерон.

Тој, меѓутоа, со ова има малку приврзаници меѓу своите колеги. Камерон нема да може да спречи формирање мнозинство за Јункер. По почетното двоумење, германската канцеларка Ангела Меркел јасно застана зад Јункер.

David Cameron und Jean-Claude Juncker
Камерон не може да го „свари“ ЈункерФотографија: picture-alliance/dpa

Меркел сака да амортизира

Ангела Меркел сака да им излезе во пресрет на Британците во други персонални решенија. За распределба се функциите претседател на ЕП и Високиот претставник за надворешна политика, како и други функции во новата ЕК.

„Тоа не значи дека можат да се задоволат сите желби, но сепак може да се размисли, што е на друга страна исто така важно за Британците“, рече Меркел по средбата со данската премиерка Хеле Торнинг-Шмит во Берлин.

Камерон меѓутоа дома има поддршка и од власта и од опозицијата против Јункер, кој важи за премногу европски ориентиран. Британскиот премиер се закани дури и со можно излегување на земјата од ЕУ, ако Јункер биде избран. Тој за 2017 година најави референдум за останувањето на Британија во ЕУ.

Европски дипломати сметаат дека Јункер сепак ќе биде номиниран од шефовите на држави или влади на ЕУ, а ЕП по две недели ќе го избере за претседател на ЕК.

„Сметам дека сега ќе се постигне договор за клучните содржини за следните пет години, дека ќе биде даден предлог за челниот човек на ЕК, а останатите персонални решенија нема да бидат скоро донесени, за да и‘ се остави простор на Влеика Британија“, вели шефот на германската пратеничка група на конзервативците, Херберт Ројл во разговор за Дојче веле.

Можеби в лето ќе биде потребен вонреден самит на ЕУ заради персоналниот пакет. За фаворит за функцијата претседател на Европскиот совет се смета Хеле Торнинг-Шмит. Германскиот социјалдемокарт Мартин Шулц треба да биде избран повторно за претседател на ЕП. За возврат, социјалдемократите и социјалистите ќе ја поддржат кандидатурата на Јункер. Во ЕП, значи, се формира неформална голема коалиција.