1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалската политика на ЕУ во ќорсокак

Бернд Ригерт/превод:БГ15 септември 2015

Да се надеваме дека се работи за ќорсокак со таен излез. Затоа што е итно потребна промена во курсот и извонредно несолидарната политика на ЕУ, смета Бернд Ригерт по средбата на министрите за внатрешни работи во Брисел.

https://p.dw.com/p/1GWYJ
Фотографија: DW / Maksim Nelioubin

Со многу мака луксембуршкото претседателство успеа преку еден компромисен документ да ја ублажи длабоката поделба во ЕУ. Од еден заеднички, солидарен одговор на драматично растечката бегалска криза, министрите за внатрешни работи на ЕУ се далеку. Одлуката за прераспределба на бегалците низ сите земји-членки на ЕУ е одложена за октомври. Бројни источноевропејци, како и Велика Британија и натаму го одбиваат тоа.
Беше постигнат некаков „политички договор“, во суштина безвредно „Блабла“, кој нема никакви ефекти за секојдневието на бегалците, на помагачите или на оние кои ги штитат границите. „Тоа за нас не е доволно“, смета германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер. Обидот да се зголеми притисокот врз европските партнери преку зајакнати контроли на германската граница, не донесе успех. Мнозинство од ЕУ-земјите поддржуваат прераспределба, но за обврзувачки квоти, земјите кои досега не преземаа бегалци, не сакаат ни да чујат.

Нема решение на повидок

Првично таргетираната прераспределба на околу 160 илјади бегалци од Грција, Италија или Унгарија- во период од две години- во суштина и нема да ја промени драматичната состојба на границите низ целата балканска рута се до Германија. За напорите да се сместат стотиците илјади, во Брисел нема одговор. Постојано повторуваното барање на министрите дека надворешните граници на ЕУ мораат да бидат подобро заштитени, повеќе звучи како: пуштајте помалку бегалци и баратели на азил. Но заштитата на границите, пред сѐ на морињата- во прв ред за Грција и Италија- е извонредно тешка задача.
Идејата, на бегалците и на барателите на азил да им се дозволи сместување во ткн. „Хотспотс“- големи центри каде по итна постапка ќе се одлучува, не е ништо друго освен една оптичка илузија. Со исклучок на еден пилот-проект во Катанија, Италија, „Хотспотс“ засега се само идеја. Грција дури деновиве се согласи да почне со конкретно планирање. А доколку заштитата на границите е клуч за успехот, тогаш ксенофобичниот Виктор Орбан со изградбата на оградата ја прави вистинската работа, или?

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

ЕУ ќе се распадне, доколку не се обедини за бегалците

Граничните контроли кои Германија изненадувачки ги воведе, во Брисел не беа критикувани. Напротив, и други држави би се приклучиле. Австрија, Чешка, Словачка и Холандија веќе се повикуваат на можноста и тие да го сторат тоа. За бегалците и за барателите на азил сега ќе биде многу тешко да се движат кон Европа. Ќе бидат префрлани наваму-натаму меѓу Унгарија, Србија и Австрија. Тие ќе бидат жртви. Шверцерските групи сега задоволно ги тријат рацете. Колку е потешко бегството, толку ќе биде повисока цената. Сега дури ЕУ дојде до идеја да одвои повеќе пари за бегалскиот логор на ОН за Сиријците во Турција, за да го спречи натамошниот пат на луѓето. Предоцна е за такво нешто, иако ОН со години алармираат и бараат повеќе пари.
И по средбата на министрите за внатрешни работи останува горкото сознание дека нема никаков напредок во европската политика кон бегалците. Претседавачот од Луксембург, Жан Аселборн тоа најдобро го опиша: „Доколку Европа не се обедини, тогаш Европа ќе се распадне“.