1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предрасудите кон ЛГБТИ заедницата можат да бидат и опасни

Костадин Делимитов25 јуни 2013

Во РМ владеат предрасуди кон припадниците на ЛГБТИ заедницата, односно лицата со поинаква сексуална ориентација. Насилството што се случи во рамки на одбележувањето на „Неделата на гордоста“ повторно отвори низа прашања.

https://p.dw.com/p/18vQO
Фотографија: picture alliance / dpa

За социолозите не е чудно што во Македонија одамна се присутни стигмата и предрасудите кон лицата со поинаква сексуална определба, пред се‘ поради традицијата и културата на живеење. Сепак, тенденцијата на заострување на односот кон оваа популација, што е посебно изразена во последниве десетина години, е загрижувачка, а делумно и опасна, коментира за Дојче веле социологот Илија Ацески:

„Станува збор за традиционални работи, нешто кон што не може и не треба да се биде диферентен. Проблемот е како тоа да им се објасни на луѓето, посебно на младата популација. За разлика од кај нас, западните земји многу вешто и институционално го стивнаа говорот на дискриминација и говорот на омраза во секојдневието со употребата на законот. Таму овие луѓе се заштитени со закон како нормални луѓе, што кај нас не е случај, туку напротив, постои заострување во последниве петнаесетина години. Неопходни се промени во овој дел, посебно во легислативата и пристапот, барем во насока на спречување на појави на говорот на омраза и нивно јавно линчување. Но со оглед на односот на општеството, но и на црквата, која непотребно се меша во нешто за што не е повикана, не сум оптимист дека се можни позитивни промени уште подолг период. Можеби тоа ќе се случи со приближувањето на земјата кон ЕУ, но ќе повторам - кога дури и црквата се меша, а неретко и министри, тогаш тоа не е добро, да не кажам дури и опасно“, коментира Ацески.

„Досега ниту една државна институција не излезе јавно да го осуди насилството врз ЛГБТИ луѓето“

Поголема институционална поддршка бараат и од ЛГБТИ заедницата, која преку конкретни активности во новоотворениот Центар и во соработка со Хелсиншкиот комитет активно работат на заштита на нивните права:

„Стигмата и предрасудите кон ЛГБТИ луѓето се одамна присутни во нашето општество. За жал досега ниту една владејачка гарнитура не презела никакви чекори за надминување на оваа ситуација. Дури и декриминализацијата која се случи во 1996 година, беше направена премолчено, никој не го објави тоа, уште помалку го објасни тој чин. Последниве неколку години сме сведоци на политичка злоупотреба на прашањето околу правата на ЛГБТИ луѓето и користење на стигмата и предрасудите за свртување на вниманието од другите проблеми со кои се соочува нашето општество. Токму оваа политичка злоупотреба, со јавна легитимација на хомофобијата од страна на претставници на институциите на државата, ја зголемува ранливоста на ЛГБТИ заедницата и веќе почна да предизвикува насилство, кое е очигледно особено после отворањето на ЛГБТИ-центарот за поддршка. Досега ниту една државна институција не излезе јавно да го осуди насилството врз ЛГБТИ луѓето“, реагира претседателот на Македонската асоцијација за слободна сексуална ориентација, Кочо Андоновски.

Symbolbild Intersex
Стигмата и предрасудите кон ЛГБТИ луѓето се одамна присутни во нашето општество, вели Кочо АндоновскиФотографија: Fotolia/Megan van Dyck

Треба да се променат законите

Од Хелсиншкиот комитет сметаат дека се неопходни промени во законската регулатива која во овој дел не е во согласност со препораките на меѓународните организациии. Промените се потребни посебно во делот на поголема заштита на правата и потребите на ЛГБТИ заедницата, вели за Дојче веле претставникот на Хелсиншки, Неда Чаловска:

„Со оглед на постојаната изложеност на ЛГБТИ заедницата на говор на омраза, но и напади од омраза, очигледна е потребата за вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во Кривичниот законик како основи за кривични дела/злосторства од омраза и говор на омраза. Хелсиншкиот комитет/ЛГБТИ-центарот постојано ја истакнува потребата од овие измени, со која државата ќе покаже волја за заштита на сигурноста на ЛГБТИ лицата, но досега не сме добиле никаков одговор по ова прашање. И покрај постојаните напади и на ЛГБТИ-центарот, но и на активистите за ЛГБТИ права, државните претставници и политичките лидери не ги осудуваат овие настани, ниту го осудуваат хомофобичниот и трансфобичниот говор на омраза. Иако нема правни ограничувања за слободата на изразување на овие лица, сепак многу малку медиуми известуваат за ЛГБТИ прашањата и често објавуваат погрешни ставови или поддржуваат хомофобични и трансфобични ставови и поттикнуваат дискриминација и омраза. Во делот за заштита од дискриминација важно е да се напомене дека сексуалната ориентација и родовиот идентитет не беа внесени како посебни основи за заштита од дискриминација ниту во Законот за спречување и заштита од дискриминација, со што ЛГБТИ луѓето остануваат надвор од правната рамка за заштита во случај на дискриминација“, вели Чаловска.

Schwule in Europa - Symbolbild
Односот кон ЛГБТИ заедницата во западните земји се разликуваФотографија: PA/dpa/DW

Позитивни искри

Во насока на спроведување на препораките на Советот на Европа Хелсиншкиот комитет/ЛГБТИ-центарот оствариле соработка со 23 институции и министерства. Институциите биле ефикасни во доставувањето на бараните информации, кои се однесуваат на прашања од нивна надлежност, што според Чаловска не е случај и во нивното секојдневно функционирање. Сепак, тие констатираат и позитивни примери во делот на соработката :

„Како позитивен пример би ја истакнале соработката со Советот за радиодифузија, кој препораката на Советот на Европа ја прикачи на својата веб страна, како и соработката со полициската станица Бит-Пазар, која секогаш постапува во случаи на можно загрозување на сигурноста на ЛГБТИ лицата и ЛГБТИ Центарот за поддршка. Во делот на образованието позитивен исчекор претставува програмата ’Образование за животни вештини’ за основните и средните училишта, која треба да вклучува предавања за човековите права и недискриминацијата по различни основи, вклучително и сексуална ориентација и родов идентитет, но со оглед дека ова е нова програма, се‘ уште немаме информации за резултатите од нејзиното спроведување и ефектот врз учениците“, вели Чаловска. 

Андоновски вели дека преку ЛГБТИ-центарот се работи на поддршка во две насоки. Зајакнување на самата заедница, што се реализира со Групи за поддршка, како и давање на услуги како бесплатно психолошко советувалиште, бесплатна правна помиош, но и организирање на различни културни и дебатни настани. Другата насока е мониторинг и известување за дискурсот во медиумите, носењето на новите закони и нивното влијание врз ЛГБТИ луѓето, како и создавање на партнерства преку кои ќе се бараат правни промени во насока на овозможување на ЛГБТИ луѓето да ги уживаат своите права.