1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Премиерот Спасовски дециден: Уредбата е легитимна и уставна

20 мај 2020

Правни експерти реагираат: се предлагаат термини за избори надвор од уставниот рок, а тој е јасен - изборите треба да се одржат во рок од 60 дена. Владината уредба е во духот на Уставот.

https://p.dw.com/p/3cV6V
Oliver Spasovski, Prämierminister Nordmazedoniens
Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

Се бараше мислење на Комисијата за заразни болести, па од ДИК за временската рамка потребна за завршување на изборните дејства, како и одговор од ОБСЕ/ОДИХР околу можноста за испраќање набљудувачка мисија. По лидерската средба на кој не се постигна договор за изборниот датум, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ сега ја спори владината уредба, со која изборните дејства беа ставени во мирување заради пандемијата на Ковид-19.

„Таа уредба, ние како ВМРО-ДПМНЕ ја дознавме неколку минути пред таа да биде ставена на седница на влада. Јас тогаш имав интервенции и телефонски разговарав со техничкиот премиер Оливер Спасовски и со вицепремиерот Бујар Османи. Разговаравме за текстот, посебно за членот 5, првата реченица којашто вели дека изборните активности се сопираат и продолжуваат веднаш по укинувањето на вонредната состојба. Веќе во членот 6 се дообјаснува дека ДИК е таа којашто еден ден откако ќе заврши вонредната состојба, треба да изготви нов роковник за одржување на изборните активности. Јас тогаш ги предупредив дека на овој начин ќе се создаде некоја политичка фрикција која понатаму ќе создава проблеми. Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев не ја поддржа уредбата. Уредбата ги нема легитимитетот и кредибилитетот на опозицијата“, изјави Мицкоски во интервју на ТВ „Сител“.

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Pressebilder Kabinett des Präsidenten | Nake Culev , Innenminister
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев не ја поддржал уредбата, тврди лидерот на ВМРО-ДМНЕФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Воздржан или против

Уредбата е легитимна и уставна, изјави за ДВ премиерот Оливер Спасовски.

„Со уредбата е создадена правна можност за одложување на изборите и нивно ставање во мирување се’ додека трае вонредната состојба. Уставноста на таа уредба ја потврди и Уставниот суд“, потенцира Спасовски. 

На седницата одржана на 14-ти мај Уставниот суд не поведе постапка по Иницијативата за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес. Според тоа, останува на сила владината уредба што беше донесена на 21-ви март, а со тоа и период од 22 дена од завршувањето на вонредната состојба до денот на гласањето. Односно, новиот изборен термин ќе зависи од тоа кога ќе заврши вонредната состојба, бидејќи веднаш потоа продолжуваат да течат изборните рокови.

Зошто сега се спори уредбата? Според владини извори, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, наводно, се изјаснил како „воздржан“, а не „против“ споменатата Уредба. Сепак, загрозен ли е легитимитетот на владината уредба, доколку, како што вели Мицкоски, неа не ја поддржал министерот Чулев?

„Тоа е исто како да речете дека нема легитимитет одреден закон усвоен во законска процедура и со непоходното мнозинство во Собранието, затоа што за него не гласала опозицијата“, вели правен експерт.

Повеќе:

„Неодговорните“ Хрвати и одговорните Македонци

Мицкоски и Заев знаат што е консензус

Заев се чешка, Мицкоски се словачка

Нема договор за парламентарните избори

Уставните рокови се јасни

Мицкоски во изминатиот период инсистираше дека треба да има избори 60 дена по завршувањето на вонредната состојба, повикувајќи се на извештај на Венецијанската комисија, за кој од СДСМ одговорија дека се однесува на Грузија и на нејзиниот устав, а не на македонскиот. Но, судии од Уставниот суд предупредуваат дека никој не смее да си игра со уставните рокови.

„Се предлагаат термини за избори надвор од уставниот рок од 60 дена. Тоа е спротивно на Уставот, кој е јасен: во рок од 60 дена треба да се одржат предвремени парламентарни избори. Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување во сила на владината Уредба, се сметаат за важечки. Нивниот статус е зачуван, а по завршувањето на вонредната сотојба дејствата треба да продолжат од таму каде што привремено запреле. Роковите се фиксно одредени со Уставот, а не од желбите на партиите“, потенцираат нашите соговорници.

На тие рокови предупредува и професорот по уставно право, Светомир Шкариќ.

„Уставот е дециден: во рок од 60 дена треба да се одржат предвремените парламентарни избори. Доколку во тој рок не се одржат изборите и се пробие рокот, Уставниот суд може таквите избори да ги прогласи за неуставни", предупредува Шкариќ.