Преспанското Езеро - сардисано од сите страни
23 април 2011Неповолно врз езерото делуваа и неколку дејности на населението од регионот пред сé од интензивното земјоделство, бидејќи Преспа е со најголемо јаболково производство во Македонија на мал простор. Тоа, пак, неповолно се одразува врз езерото, појаснува Димитрија Сековски, инженер по заштита за животната средина и координатор на проекти на УНДП за негова заштита:
„Нормално примената на вештачки ѓубрива, на пестициди, на вода за наводнување, дали дирекно од езерото, или од неговите притоки или од подземните води, кои се повторно поврзани со езерото, генерира серија на негативни влијанија врз него како еко-систем“, вели Сековски.
Индустријата, амбалажата од пестициди и вештачки ѓубрива го загрозуваат Преспанското Езеро
Друг фактор за загадување на Преспанското Езеро е индустријата, лоцирана покрај реките, кои се главните притоки на езерото со вода, меѓу кои и Голема река.Така непречистени, индустриските води дирекно се слеваа и ги загадуваа водите на езерото. Во езерото доспеваа и јаболката, што земјоделците не успеваа да ги продадат, а особено опасност претставуваше и амбалажата од пестицидите и од вештачките ѓубрива, појаснува Сековски „кои во отсуство на организиран систем за нивно собирање и безбедно одлагање завршуваат неконтролирано на дивите депонии на несоодветни места, како што се речни корита, на самиот брег, покрај патиштата. Сето тоа, освен негативните естетски ефекти, има и сериозно влијание и врз животната средина“.
Вишокот јаболка најчесто завршува во езерото
Сериозен фактор на загадување се и отпадните и фекалните води од домаќинстава, бидејќи само Ресен и неколку населени места имаа систем на прочистителни станици. Останатите дирекно ги исфлаа отпадните и фекални води во езерото.
Според анализите на разните студии и проекти Преспанскот Езеро, појаснува инженер Сековски, во просек годишно се загадува со 70 до 80 тони на пестициди, од кои најголем дел се фунгоциди, кои не се опасни.
„Се проценува дека годишно се користат околу 2 илјади тони на вештачки ѓубрива, сепак овие количини варираат од година во година зависно од повеќе фактори, меѓу кои и временските услови како резултат на некои активности проследени со продажбата на јаболката се генерираат посериозни количини на отпадно јаболко. Се проценува дека тоа се од 8 до 12 илјади тони на годишно ниво и се проценува дека само амбалажа од пестициди на ниво на цела Преспа на годишно ниво се создава околу 9.000 илјади килограми.“
Декларација за заштита на Преспанското Езеро
Во 2000 година беше потпишана заедничка декларација помеѓу Македонија, Грција и Албанија кои формираа прекугранично Координативно тело на Преспанското Езеро со цел да ги координира проектите на заштита на езерото.Тоа придонесе до реализација на повеќе проекти со кои се заштити езерото. Во тие проекти предничеа оние на УНДП преку Глобалниот фонд за животна средина.Најголем дел од проектите, појаснува Сековски беа во земјоделството.
„Воведени се системи да речеме за контрола на употребата на вештачки ѓубрива,на пестициди во јаболковото производство.Јаболкопроизводителите имаа обуки и беа научени за користење за примена на некои одржливи техники за наводнување каде што примарен фокус се става на штедењето на водата за наводнување.Значи цела програма која траеше неколку години се спроведуваше за воведување на стандарди за добра земјоделска практика, што од една страна на земјоделците им помогна да го намалат влијанието на земјоделството врз животната средина, а од друга страна да ги намалат трошоците за производство‘‘.
Проект за искористување на вишокот јаболка како компост во земјоделството
Иста така општина Ресен беше поддржана и во јакнење на системите за следење на загадувањето на индустријата. Се воведоа и системи за прочистување на отпадните води од руралните средини. На пример во село Наколице, со природен третман со микроорганизми и вегетација кој е поекономичен и долгорочен, а кој наскоро треба да профункционира.
Голем дел од проектите беа и за уредување на сливот на Голема Река и нејзино чистење од разни видови на наталожен отпад. Наскоро со проект за биоразградлив отпад, јаболката кои се фрлаа покрај патиштата и во водите на езерото ќе се користат за создавање на компост во земјоделството.
Центар за проучување и унапредување на животната средина и заштита на еко системите на регионот на Преспа
Во Ресен неодамна е отворен Центар за проучување и унапредување на животната средина, кој ќе ги содржи сите знаења од бројните проекти за заштита на Преспанскот Езеро.
Инаку главната функција на овој Центар е да обезбедува стручна техничка поддршка на секторите како земјоделство, шумарство, рибарство, водостопанство, поддршка во однос на подобро разбирање на вредностите на преспанскиот еко-систем и колку што е можно поголемо интегрирање на овие приоритети за заштита на еко-системите во разни секторски планови, политики, стратегии," вели Сековски.
Преку овој центар во фаза е и ратификација на договорот потпишан во 2010 година од страна на Македонија, Грција и Албанија, а како продолжение на оној од 2000 година, со цел понатамошна соработка за заштита на животната средина на Преспанското Езеро.
Автор: Антоанела Димитриевска
Редактор: Трајче Тосев