Промените на климата ја поскапуваат храната
31 март 2014Документот со препораки за оние што носат одлуки има 50 страници, извештајот, пак, цели 2000 страници. Над 400 научници и 1700 експерти работеа на извештајот. Предвид се земени сознанија од 12.000 стручни текстови. Резултатот гласи - промената на климата веќе има влијание врз луѓето и животната средина. Затоплувањето на климата ќе има уште подрастично влијание доколку човекот не почне да сопира посилно од досега, се вели во резимето.
„Светот мора да се прилагоди на промената на климата и да ги намали промените. Колку порано тоа биде сторено, толку помали ќе бидат шансите за најлоши можни последици“, објасни првиот човек на Советот за климата, Раџендра Пашаури, при претставување на извештајот во Јокохама.
Вториот дел од петтиот Извештај за климата на ОН документира конкретни последици од затоплувањето на Земјата. „При некои промени порано само претпоставуваме дека се поврзани со промената на климата, но сега има настани за кои може да се каже дека се предизвикани од климата, како на пример последната суша во Австралија“, вели Мајкл Џерод, шеф на Светската метеоролошка организација.
Насекаде во светот се забележува топење на глечерите. Флората и фауната во морињата, во слатките води и на копно веќе се имаат „преселено“ во други региони, а голем број растенија ги имаат променето и своите периоди на вегетација. Голем дел од видовите е во опасност од исчезнување, особено ако нивниот простор каде што виреат се менува или видот се експлоатира.
Неопходни се инвестиции
При проценката на ризиците има значителна разлика дали човекот живее во свет со два степена затоплување или со четири степени затоплување. Во извештајот се вели дека во свет со четири степени затоплување ризиците се многу, многу повисоки. Копретседавачот на надлежната Работна група на Советот за климата Висенте Барос бара вложување повеќе средства против последиците од промените на климата: „Инвестирањето во подобри подготовки може да донесе дивиденди сега и во иднина.“ Во извештајот трошоците од затоплувањето на климата се проценети на 0,2 до 2 процента од економското постигнување.
Сојуз на заштитници на климата во Јокохама критикуваше дека владите не се подготвуваат ниту за затоплување од два ниту за затоплување од 4 степени. „Но секому кој мислеше дека можеме едноставно и натаму да ја загадуваме атмосферата и постепено да се прилагодуваме на промените, извештајот за климата му дава јасна порака: тоа не е можно!“, нагласува Каиса Косонен од Гринпис.
Цените на храната растат
Светскиот совет за климата првпат укажува на поврзаност на затоплувањето на климата со производството на храна. Порастот на приносите од житариците е намален и сега изнесува околу 1 процент годишно, додека светското население расте многу побрзо. Проблемот ќе станува многу поголем со загревањето на климата. Првиот човек на Советот за климата Пашаури проценува дека во иднина ќе има многу повеќе „бегалци од последиците од промената на климата“.
До зголемување на цените на храната ќе доведе и зголемувањето на бројот на екстремни временски непогоди. Од тоа се погодени пред сѐ земјите во забрзан подем, но последиците од кризите со прехранбени намирници ќе ги почувствуваат и индустриските нации.
Третиот и последен дел од новиот Извештај за климата, кој ќе се занимава со можностите и патиштата за кочење на затоплувањето на климата ќе биде претставен на 13 април, во Берлин.