1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проруски демонстрации во Доњецк

АТ/ афп/дпа6 април 2014

И покрај силното полициско обезбедување, проруски демонстранти успеаја да влезат во зградата на локалната управа и да го развеат руското знаме. Проруски демонстрации се одржаа и во Харков.

https://p.dw.com/p/1Bcsm
Фотографија: picture-alliance/dpa

Проруски демонстранти денеска (6.04.) влегоа во зградата на локалната управа на источно украинскиот град Доњецк. Околу 50 учесници на протестот во центарот на градот ги пробија полициските барикади, и навлегоа во единаесеткатната зграда на која го развеаја руското знаме. Приврзаниците на идејата за отцепување од Киев исто така гаѓале врз прозорците и на некои милиционери им ги одземале заштитните штитови.

Претходно, околу 2000 противници на прозападната влада протестираа на централиот плоштад Ленин за приклучување кон Русија. На централниот плоштат во Доњецк беа запалени и пиротехнички средства.

И во милионскиот град Харков се одржаа два протеста, со вкупно 1500 проруски демонстранти. Овие протести беа мирни.

Во градот Луганск, во близина на границата со Русија, група луѓе го нападнаа претставништвото на тајните служби СБУ. Демонстрантите ги скршија вратите и гаѓаа со камења-тули и димни бомби. Во немирите се повредени две лица.

Тајните служби еден ден претходно објавија дека во таа област биле уапсени 15 лица, кои наводно со оружје сакале да заземат државен објект, меѓутоа не беше објавено дали се работи за сили верни на Москва.

По соборувањето на украинскиот претседател Виктор Јануковиќ на крајот на февруари посебно на истокот на земјата постојано се одржуваат проруски протести против преодната влада во главниот град Киев. Таа пак стравува дека Русија, под изговор дека сака да го заштити населението со руско потекло, би можело и на истокот на Украина да постапи како во случајот со Крим.

По промената на власта во Украина, Русија го анектираше полуостровот Крим во Црното Море. Оттогаш владата во Москва во голема мерка е меѓународно изолирана. Западот, исто како и Киев, стравува, со оглед на стационирањето на десетици илјади руски војници од другата страна на украинската источна граница, можни натамошни напади.