Москва негодува поради „злонамерната“ постапка на Берлин
5 април 2022„Ќе одговориме на овој злонамерен акт на германската политичка машина“, соопшти Министерството за надворешни работи во Москва во врска со протерувањето руски дипломати. Руската амбасада во Берлин на Телеграм напиша: „Неосновано намалување на дипломатскиот персонал во руското претставништво во Германија ќе го стесни просторот за одржување на дијалогот помеѓу нашите земји, што ќе доведе до натамошно влошување на германско-руските односи.“
Заменикот претседател на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, оцени дека протерувањето дипломати како средство за притисок е „бесмислена“ навика која води „во празно“. Сепак, Русија во вакви случаи вообичаено реагира со протерување на сличен број дипломати.
Како реакција на ужасите во украинскиот град Буча, за кои се претпоставува дека се извршени од руските сили, германската влада вчера (4.04) прогласи за „непожелни“ 40 руски дипломати. Работата на овие вработени во амбасадата на Русија во Германија е „закана за оние кои кај нас бараат заштита“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. „Тоа нема натаму да го толерираме“, потенцираше таа. Дипломатите сега имаат рок од пет дена да ја напуштат Германија.
Сликите од Буча „сведочат за неверојатна бруталност на руското раководство“ и на оние кои ја следат неговата пропаганда, сведочат за „волја за уништување која ги надминува сите граници“, нагласи Бербок.