Протести во САД: „Америка се распарчува сама себеси“
2 јуни 2020На Џо Бајден му е доволно. „Доста!“- напиша на Твитер кандидатот за претседател во минатиот петок. Збор што паѓа како чекан. Само неколку часа претходно, црнец повторно беше приведен од бели полицајци. Тоа беше репортер на телевизијата Си-Ен-Ен. Полицијата го ослободи малку подоцна. Сепак, Бајден утрото напиша: „Лут сум а и вие треба да бидете“.
САД тонат во бран насилство. Од Калифорнија до Њујорк, од Минеаполис до брегот на Тексас: во изминативе денови сериозни немири имаше во повеќе од 75 градови. Во Њујорк гореа полициски возила, во Лос Анџелес имаше грабежи. „Овие повеќе не се протести“, рече Ерик Гарсети, градоначалник на Лос Анџелес. „Ова е уништување“.
Повод за безредијата сè уште е насилната смрт на Џорџ Флојд. Црнецот беше убиен во полициска интервенција во Минеаполис во минатиот понеделник. Трагичен случај, но не и исклучок во контекст на расистичко полициско насилство во САД. Последните зборови на Флојд : „Не можам да дишам“- станаа парола на протестното движење, какво што Америка не ги видела со децении. Тагата и огорченоста отстапија пред гневот и насилството.
Социјални неправди
Трагичната смрт на Флојд ја храни фундаменталната дебата за социјалниот раскол во САД. Како потпалувач, притоа, делува и корона-кризата, која на виделина појасно од претходно ја исфрла нееднаквоста на општеството. Секој кој пред пандемијата немал пристојна работа, разумно здравственото осигурување и финансиска поткрепа е изложен на милост и немилост на вирусот. Натпросечно често ова ги погодува црнците и латиносите во САД. Инфекцијата и стапката на смртност не само што е поголема меѓу нив туку пред се тие се едноставните работници, оние кои ги загубија своите работни места. Во повеќето случаи, претежно белата средна класа имаше можност да работи од дома, често за целосна плата. Пандемијата безмилосно ги открива социјалните неправди на Америка.
Повеќе:
-Трамп – со библија во раката и со закани со војската против демонстрантите
-Протести во САД: „Луѓето се чувствуваат безнадежно и беспомошно“
Џорџ Флојд: Ерупција на насобраниот гнев ширум САД
„Мислам дека земјата се соочува со најтешка криза по Втората Светска Војна“, вели Кристијан Хаке, политиколог и експерт за САД. Од една страна, постои видлива фрустрација околу расизмот, која со смртта на Флојд повторно избувнува и станува се порадикална. Од друга страна тука се економскиот пад и внатрешно-политичките проблеми на САД. Покрај тоа, неизбежно има последици од коронавирусот, кои предизвикуваат очај кај сè повеќе Американци. „Смртта на Флојд е само искра која предизвика пожар во целата земја“, вели Хаке.
Протестите, меѓутоа, исто така откриваат дека не се само Афроамериканците кои ја искажуваат својата фрустрација. Меѓу претежно младите демонстранти, има многу белци, честопати добро ситуирани Американци, кои се барем исто толку фрустрирани. Фрустрирани од земјата која не спречува полициско насилство и расизам, туку го дозволува тоа да се случи. Фрустрирани од земја со провокативен претседател на врвот - и без политичка алтернатива.
Без алтератива
Кога го гледате Џо Бајден на телевизија, тој делува сенилно, како заглавен во неговиот подрум. Речиси се има чувство дека тој повеќе не може ментално да сфати се “, вели Хаке. Ова е во контраст со претседателот Трамп, кој ја заостри кризата со своето подбуцнување. Претседател на САД кој не се обединува, туку ја дели земјата од стапувањето на должноста, лажејќи и апелирајќи на најниските инстинкти. Убиството и немирите дополнително ја забрзаа трансформацијата на американскиот сон во американскиот кошмар. Хаке верува: „Америка се распарчува себеси“.
Овој зовриен гнев на Американците, не е нов феномен, Јулис ван дер Лат, кој со години живеел во САД, па дури и водел изборна кампања за Барак Обама во 2007 и 2008 година. Во 2012 година тој раководел со одделението за мобилизација на гласачите во клучната сојузна држава Охајо. Дури и тогаш, општеството беше поларизирано, полициското насилство и расизмот беа проблем. Меѓутоа, дискриминацијата врз црнците ретко се документира толку графички како денес. „Одеднаш имаме видео-снимка од напади, сцените не дозволуваат двосмисленост“, вели ван де Лар. Видеоматеријалот за слика одеднаш стана симбол за сите напади со кои Америка се бореше со децении.
Поларизирање заради мобилизирање
На претседателот Трамп, пак, сето ова и натаму му одговара. Тој живее од тоа да ги спротиставува американските граѓани едни против други. „Трамп е првиот претседател кој се гледа себеси само како претседател на едната страна“, вели ван де Лар. Наместо да биде шеф на државата за сите Американци - без разлика дали се црни или бели, сиромашни или богати - тој се грижи пред сè за неговите претежно бели гласачи, кои треба да му помогнат да освои втор мандат во ноември.
Неговиот неуспех во актуелната криза со коронавирусот, меѓутоа, го чинеше многу поени. За да го одвлече вниманието од тоа, тој сега целно фрла чадни бомби, вели ван де Лар. „Трамп знае дека треба да им даде на своите гласачи повеќе црвено месо за да ги привлече на гласање“, вели ван де Лар. Поларизирање заради мобилизирање на гласачите: тоа е неговата стратегија. Горкото притоа според политикологот Хаке: „Се плашам дека неговата стратегија за одвлекување на вниманието би можела да биде успешна“. Американците традиционално ќе се соберат околу својот претседател во криза. Трамп исто така репрезентира нешто исконско американско: материјалното, егоистичното, како и безобѕирното чувство на слобода и и белата ароганција, која за жал добива повеќе тивко одобрување отколку што можеме да си замислиме ние во Европа, рече Хаке. „Се плашам дека многу белци се чувствуваат потврдени во својот расизам“.