Протести за време на Г20 самитот во Бон
Демонстрантите се погрижија дводневниот самит да не помине без вознемирувања. Тие бараат од владите на земјите членки на Г20 да се повлечат од конфликтите на Блискиот Исток и да преземат одговорност за мигрантите.
Протест во Бон
Групата Г20 беше формирана со цел да координира меѓународна агенда за промовирање на финансиска стабилност, но низ годините се издигна над улогата на економски совет и во своето функционирање вклучи теми од климатски промени до борба со корупција. Вчера (16.02.2017) околу 300 демонстранти се собраа пред Музејот на современата германска историја во Бон со цел јавно да го осудат собирот.
Г20 - ексклузивен клуб кој „не ги претставува широките интереси“
Иако на земјите од Г20 отпаѓаат 90% од глобалниот БДП и 65% од вкупната светска популација, организациите Мрежа на германското мировно движење, германската левичарска партија Левица, Германската комунистичка партија (ДКП) и Курдскиот комитет на солидарност од Бон ја осудија групата дека не работи на креирање меѓународни политики кои ги адресираат потребите на пошироката популација.
Американско деби
Вчера (16.02) се случи долго очекуваното меѓународно деби на американскиот министер Рекс Тилерсон. „Се надевам дека глобалните лидери ќе извршат притисок врз администрацијата и Рекс Тилерсон“, изјави Леј Ридимер од Охајо. „Тој навреди дел од нашите најголеми сојузници, а во меѓувреме одбива да критикува други земји како Русија... Мислам дека тоа е опасност за Американците и за другите земји“.
Незадоволство од новата репутација на САД
„Не сум задоволен со некои од одлуките на владата и сакам да покажам дека сите Американци не размислуваат на тој начин“, вели Џереми кој доаѓа од Конектикат, САД. 26-годишникот додаде дека не е уверен оти Трамп целосно ја разбира комплексноста на меѓународните односи и важноста на структурите како Европската унија и Г20.
Глас за политичките затвореници
„Слобода за сите политички затвореници“, извикуваа членовите на НАВ-ДЕМ, асоцијација на курдските клубови во Германија. Тие упатија барање до земјите од Г20 да побараат од Турција да го ослободи Абдула Оџалан, курдски националистички лидер и еден од основачите на Курдската работничка партија. Тој е затворен во Турција од 1999 година за учество во формирање на вооружена организција.
Загриженост за конфликтот во Сирија
„Кажете гласно, кажете јасно: бегалците се добредојдени тука“ извикуваа демонстрантите во Бон. Тие се критични кон земјите од Г20 поради нивната улога во граѓанската војна во Сирија и побараа од Германија да го намали военото финансирање, да се повлече од НАТО и да ги зголеми ресурсите за спасување и вдомување на мигрантите кои сѐ уште го преминуваат Средоземното Море.
Цивилните жртви на Блискиот Исток
Дел од демонстрантите легнаа на улиците во Бон со рози во рацете, а околу нив со креда беа обележани нивните тела. На тој начин тие ги симболизираат цивилните жртви од конфликтите на Блискиот Исток, Авганистан, Ирак и Сирија.
Вклученоста на Г20 во конфликтите на Блискиот Исток
Демонстрантите побараа од земјите на Г20 да ја прекинат вклученоста во конфликтите на Блискиот Исток. „Токму земјите од Г20 дејствуваат во Сирија“, изјави Нилс Јансен, член на Младинското движење од Бон, „Тоа е војна на различни суперсили – Русија, САД, Германија и НАТО – која се одвива врз сирискиот народ“. Тоа „ги тера луѓето да бегаат, а потоа земјите им ги затвораат вратите на бегалците“.