Процут на трговијата со оружје
20 февруари 2017По четвртина век од крајот на Студената војна, светската трговија со оружје повторно расте, достигнувајќи најголем волумен по 1990. година, констатира најновиот извештај на Меѓународниот институт за истражување на мирот, СИПРИ од Стокхолм.
Најголеми извозници биле САД, со удел на пазарот од 33 проценти и Русија, со удел од 23 проценти, следува на големо отстојание Кина со 6,2 насто, но со пораст на извезеното оружје од 74 проценти.
Германскиот извоз на оружје во последните пет години бележи намалување за 36 проценти, без оглед на рекордот во 2016. година; во актуелната скала земјата го зазема петтото место со учество од 5,6 проценти во светскиот пазар на оружје, зад Франција. Во периодот од 2012 - 2016. година Германија извезувала оружје во 60 држави.
Првак во лиферувањето оружје остануваат САД - тие снабдувале со оружје преку 100 земји во светот, а палетата е широка, од воени авиони, прецизна муниција, па до најновата генерација на противвоздушни и ракетни одбранбени системи. Речиси половината од американскиот извоз на оружје бил насочен кон Блискиот Исток.
Русија пак испорачувала оружје главно во Индија, Виетнам, Кина и Алжир.
Најголеми увозници на оружје се Азија, Океанија и Средниот Исток. Приматот го држи атомската сила Индија, со пораст на внесеното вооружување во периодот 2012-2016. година од 43 проценти.
Арсеналот во земјите од Среден Исток во споменатиот период е зголемен за 86 проценти, што е удел во светскиот увоз од речиси една третина. Првак е Саудиска Арабија, кај која купувањето оружје бележи пораст од 212 проценти, следат Обединетите Арапски Емирати, Кина и Алжир.