1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Птичјиот грип се шири низ Европа

Бригите Остерат/ Жана Ацеска18 ноември 2014

Досега птичјиот грип предизвикан од вирусот Х5Н8 го имаше само во Азија, но во меѓувреме се шири и низ Европа. Засега не постои никаква конкретна опасност, но кај вирусите е потребна постојана внимателност.

https://p.dw.com/p/1Dp9E
Фотографија: Getty Images/A. Gowthorpe

Веднаш штом некаде во некоја живинарска фарма во светот ќе се појави птичји грип, кај многумина луѓе настапува страв од епидемија. Повеќе нови случаи на птичји грип сега ги ставија европските надлежни служби во состојба на готовност.

Во неделата холандските власти соопштија дека откриле вирус на птичјиот грип од типот Х5Н8 во живинарска фарма во Хекенорп, уништени се 150.000 кокошки. На почетокот на ноември истиот вирус се појави во Германија, на фарма со мисирки во Мекленбург Предна Померанија, а во меѓувреме има и неколку нови случаи. Британските власти испитуваат случај во северна Англија, веројатно од истиот тип на вирус како оној во Холандија. Но, точниот подвид на вирусот се‘ уште не е недвосмилено идентификуван.

Закана за птиците

Типот на вирус кој се појави во Германија и во Холандија е исклучително опасен за птиците. „Најголем дел од заболените птици умираат“, вели Хафез Мохамед Хафез, директор на Институтот за птичји болести на Слободниот универзитет во Берлин.

Но, кај Х5Н8 тоа не беше секогаш правило: порано имаше повеќе случаи во кои птиците остануваа здрави и покрај заразувањето со вирусот, објаснува тој во интервју за Дојче веле. Вирусот, значи, очигледно се модифицирал преку мутации и станал поагресивен.

Според Хафез, мерката со уништување на птиците е оправдана, зашто по секоја цена треба да се спречи вирусот од една фарма да се прошири на друга.

Symbolbild Vogelgrippe Bangladesh
Дивите птици можат да го рашират вирусот на птичји грипФотографија: picture alliance/AP Photo

Друго име, друг домаќин

Инфлуенца А е фамилија вируси кои предизвикуваат болести на дишните патишта. Во зависност од подвидот, вирусите носат различни белковини на својата површина. Белковините им овозможуваат да се закачат како паразити на клетките на различни организми-домаќини и да продрат во нив.

Подвидот Х1Н1 ги напаѓа луѓето. Тој беше предивикувач на Шпанскиот грип во 1918 година, кога умреа меѓу 50 и 100 милиони луѓе.

Кога се зборува за птичји грип, се мисли на подвидовите кои ги инфицираат птиците, на пример Х5Н1. Тој предизвикува болест кај луѓето и кај многу животински видови. Еден вирус од типот Х5Н1 се приспособил на птиците. Според Светската здравствена организација, во 2013 година во светот од птичјиот грип Х5Н1 заболеле 20 луѓе, од кои над половината живеат во Камбоџа. Од 20-те заболени умреле 15.

Друг подвид на инфлуенца В - вирусот Х7Н9, ги напаѓа птиците, но може да биде пренесен и врз луѓето. Од Х5Н8 меѓутоа досега заболуваат само птици.

Луѓето засега надвор од опасност

И вирусите на инфлуенца од различни подвидови меѓусебно се релативно слични. „Во принцип, тие можат да напаѓаат различни животински видови“, вели Лудвиг Хелцле, раководител на Институтот за еколошка и животинска хигиена и ветерина на Универзитетот Хоенхајм.

Сепак, досега не е документиран ниеден случај човек да се зарази со птичјиот грип од типот Х5Н8, вели Гундула Јегер, виролог од Универзитетот Лудвиг-Максимилијан во Минхен: „Врз основа на она што досега го знаеме за Х5Н8, сметаме дека овој вирус не е опасен за луѓето“. Значи, опасност постои единствено за животните.

Иако човек, повеќе или помалку случајно, може да се зарази со вирусот Х5Н8, тоа не значи автоматски дека тој може да го пренесе вирусот врз други луѓе, потенцира Јегер. Вирусот прво мора да се прилагоди да се закачува на човечки клетки. Тоа досега не се случило.

Vogelgrippe in Japan
Во случај на појава на птичји груп, се уништуваат сите птици во живинарските фарми каде постои вирусотФотографија: AFP/Getty Images

Работите се менуваат, но и вирусите

Кога се во прашање вирусите, она што ја прави ситуацијата поопасна е фактот дека тие многу брзо се менуваат и можат брзо да се приспособуваат на нови ситуации, објаснува Хелцле. Вирусите на грипот имаат релативно висока стапка на мутации. Освен тоа, структурата на нивниот генетски материјал ним им овозможува него многу лесно да го менуваат.

Тоа, на пример, може да се случи ако една клетка биде истовремено инфицирана со два различни вируси на грип, со Х5Н8 и Х1Н1 на пример. Врз база на размена на генетскиот материјал, еден претходно незаразен вид вирус како Х5Н8 може потоа да добие способност да преминува од човек на човек.

„Дури и да се случи тоа, светот нема веднаш да пропадне. Но, можно е да настане епидемија или дури и пандемија. Прашање е колку е тоа можно“, вели Хелцле.

Кога станува збор за вирусите, значи, секогаш треба да се има во предвид и опасноста од нив.