Пјонгјанг: „Атомска војна може да избувне секој момент“
17 октомври 2017Заменик-амбасадорот на Северна Кореја во ОН, Ким Ин Рјонг (насловна фотографија) синоќа порача дека неговата земја никогаш нема да се врати на преговарачка маса за нејзината нуклеарна програма доколку САД ја задржат „непријателската политика“.
„Нуклеарна војна може да избувне секој момент“, предупреди Рјонг во обраќањето пред Комисијата за разоружување на Генералното собрание на ОН.
„Сѐ додека САД водат непријателска политика и не биде отстранета во целост нуклеарната закана, без разлика на условите, нема да се вратиме на преговарачка маса за нашата нуклеарна програма и балистичките ракети“, рече Рјонг. Тој истакна дека Северна Кореја е единствената земја во светот која од 70-те години на минатиот век е цел на толку екстремни и директни атомски закани од САД и истакна дека неговата земја има право да поседува нуклеарно оружје за самоодбрана.
Рјон притоа укажа на големите воени вежби кои САД и Јужна Кореја ги изведуваат секоја година и во кои се користат „нуклеарни потенцијали“ и истакна дека уште поопасен е, како што го нарече, американскиот план за изведување тајни операции за соборување на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.
Потпретседателот на парламентот на Северна Кореја Ан Дон Кјун претходно изјави оти Северна Кореја нема да преговара за својот нуклеарен арсенал додека САД продолжат со „закани и непријателска политика“.
Тензиите меѓу САД и Северна Кореја се зголемија по низата нуклеарни проби на Пјонгјанг и дополнителните санкции на ОН кои се воведени на иницијатива на Вашингтон.