Пјонгјанг и Сеул потпишаа договор за денуклеаризација
19 септември 2018На самитот во Пјонгјанг, претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин, и владетелот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, се согласија да го ослободат Корејскиот Полуостров од нуклеарното оружје. Ова го изјави Ким по потпишувањето на заедничкиот договор. Мун пак истакна дека Корејски Полуостров без нуклеарно оружје не е премногу далечна иднина.
Мун додаде дека Северна Кореја се согласила да го уништи својата најголема нуклеарна постројка Јонгбјон, и тоа под меѓународен надзор. Покрај тоа, на надворешните нуклеарни инспектори треба да им биде дозволено да влезат во земјата. Меѓутоа, предуслов е САД, за возврат, исто така, да бидат подготвени на отстапки.
Комплексот Јонгбјон вклучува нуклеарен реактор и постројка за преработка, која може да производе плутониум, кој може да се користи за атомско оружје, како и постројка за збогатување ураниум, кој исто така може да се користи за нуклеарно оружје.
Повеќе:
-Корејски полуостров: постигнат договор за трет самит
-Ким ѝ се заблагодари на Јужна Кореја
-Покана од Пјонгјанг за самит на двете Кореји
Како конкретна мерка, Мун најави дека Северна Кореја планира да го демонтира полигонот за тестирање на проектили во Сохае на западниот брег и тамошната лансирна рампа под надзор на меѓународните инспектори. Американските експерти во јули објавија дека Северна Кореја веќе почнала да ги демонтира важните делови од спорната ракетна постројка. Сепак, не е јасно кога и како точно треба да продолжи демонтажата на нуклеарните и ракетните постројки што Ким очекува за возврат од САД. Ким не кажа ништо за демонтирањето на постоечкиот нуклеарен и ракетен арсенал на Северна Кореја. Ова е важен услов кој го поставуваат САД.
Севернокорејскиот лидер најави дека сака да го посети главниот град на Јужна Кореја, Сеул „во блиска иднина". Тоа би била прва посета на Сеул од страна на севернокорејски владетел од поделбата на Корејскиот полуостров. Двете држави, исто така, сакаат заеднички да аплицираат за домаќини на Олимписките игри во 2032 година.